Три дена се збореше за расипаниот путер, на крајот фирмата казнета со 1.500 евра

Денеска на депонијата Дрисла уништени се 4,3 тони путер со изминат рок кој го увезла млекарницата „Евро Млекара“ ДООЕЛ Скопје. Според Агенцијата за храна и ветеринарство, путерот не можел да се користи поради тоа што голем дел од критериумите за безбедна храна се компромитирани.

Се работи за манпулации со документацијата за увоз и за складирање на производот, со рокот на употреба, и со неговото чување во неодобрени објекти – ладилници за складирање на храна од животинско потекло, кои се откриени при двонеделна инспекциска контрола, и е дел од 20 –те тони кои оваа компанија ги увезла.

Фирмата немала одобрение за солење на путер, поради што увозот бил за несолен путер, а како таков тој мора да се продава како свеж и не смее да се замрзнува по складови и ладилници на – 18 степени целзиусови.

Спорно е и потеклото на путерот, за кој во декларациите стоело дека е од Германија, но подоцна е утврдено дека е од Турција.

Несовпаѓања се утврдени и во датумот на производоство и рокот на употреба на производот, односно на кутиите е забележано дека првичните декларации се одлепени и се ставени нови декларации кои не се комплетни.

Поради сето ова од страна на официјалниот ветеринар издадено е решение за итно повлекување на блоковите путер и наредено е веднаш да се стопира продажбата на путерот и истиот да се врати во млекарницата.

Три дена, темата со расипаниот путер беше главна и во јавноста и на социјалните мрежи, откако од вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николоовски беше означена како голем успех во заштитата на здравјето на граѓаните.

На крајот денеска беше соопштено дека путерот е уништен, а фирмата е казнета со глоба од 1 500 евра во денарска противвредност согласно член 32 став (2) од Законот за безбедност на храна, односно поради немање на соодветна процедура за следливост.

 

Претходна вестДо кога бе вака? Се испокараа и за тоа кого се бранел еден адвокат
Следна вестГерманија и Франција запреа да вакцинираат со „Астра Зенека“ – СЗО уште бара докази дали прави проблеми