Триста припадници на АРМ ќе помагаат во гаснењето на пожарите

Tриста припадници на армијата ќе бидат на располагање за помош при гаснење на пожарите, а се зголемува и бројот на полицајци кои ќе се вклучат во борбата со огнената стихија, соопшти директорот на ЦУК Стојанче Ангелов.

Од состанок на Главниот штаб за управување со кризи, Ангелов потенцира дека дел од екипажот на леталата кои учествуваат во гаснење на пожарите се чувствува преморено и поради строгите воздухопловни правила не можеле да полетуваат утрово. Тој соопшти дека попладне ќе имаат на располагање дополнителни сили.

-Рано утрово претседателката потпиша указ со којшто ни се доделуваат триста припадници на АРМ како помош при справувањето со пожарите. Исто така за плус 30 припадници е зголемен бројот на полицајци така што денес имаме на располагање 60 припадници на Единицата за брзо распоредување. Доколку имаме потреба од зголемување на бројот на војници и полицајци, тоа можеме да го добиеме за неколку часа, рече Ангелов.

Ангелов кажа и дека дел од домашните и странските воздухоплови покажале ситни дефекти кои се сервисираат и тие повторно ќе бидат во функција.

Пожарот кај Радовиш е ставен под контрола, а активни низ земјава се 15 пожари.

-Рано утрово полета големиот српски хеликоптер со пет тони вода кон пожарот во Радовиш и слободно можам да кажам дека овој пожар во непосредна близина на Радовиш кај селото Штурово веќе е ставен под целосна контрола. На територијата на Општина Чашка кај селата Горно и Долно Јаболчиште дејствува еден црногорски хеликоптер и еден полициски хеликоптер. На територијата на Општина Росоман кај селото Сирково дејствува еден полициски хеликоптер и трите „ер трактори“ на ДЗС. На нив во секој момент треба да се приклучи хрватски „канадер“, кој покажа одредени слабости и истите треба да бидат отстранети во секој момент. Кај Лисец ќе дејствува романскиот „спартак“ кој ќе фрли пет тонски водни бомби, рече Ангелов.

По ескалирањето на состојбата со пожарите и прогласување кризна состојба во земјава, Главниот штаб за управување со кризи е во постојано заседание.

Претходна вестЦУК: Изгасени се 11 пожари, на 13 места се уште гори
Следна вестПожарите не стивнуваат, формиран регионален кризен штаб за пожарите со седиште во Кавадарци