Каква ќе биде судбината на Триумфалната порта во центарот на градот? Одамна објектов си има таа мака со властите и политичарите. Едни ја насадија во центарот, а потоа други ја фарбаа-бербатеа, па и подготвуваат бројчаник, па…, а сега индиректно, нежно и најавуваат рушење.
И така останува дилемата бидејќи денеска не е воопшто јасно што ќе биде со ова скапо здание од фамозниот проект „Скопје 2014. Прво деновиве во јавноста проструи инфорамцијата дека со свое мислење Владата побара од Општина Центар во новиот план „Мал ринг“ кој е во подготовка, да ги избрише недоградениот споменик на Мајка Тереза и Порта Македонија. Ова веднаш беше протолкувано како инструкцијата за уривање на големиот објект.
Но, вчера премиерот Зоран Заев даде поинакво толкување на мислењето на Владата.
-Мислењето дадено до Општина Центар од Владата не укажува дека треба да се урива кој било од споменатите објекти, туку препораката е дека предметниот ДУП треба да се разгледа и усогласи од страна на Општина Центар имајќи ги предвид мислењата од стручните комисии формирани од извршната власт. Напротив, конкретниот проект „Порта Македонија“, не попречува пешачки ниту моторен сообраќај. Низ уличната мрежа секојдневно минуваат и пешаци и возила односно дозволена е непречена комуникација, објасни Заев.
Во медиумите ова беше протолкувано како откажување од намерата за уривање. Но, приказната со Пората тука не завршува. Општина Центар, по мислењето од Влада, испрати допис до Министерството за култура како инвеститор на објектите во кое бара да се изјаснат дали се за уривање. Значи, сега ова Министерство треба да се изјасни околу уривањето. Од друга страна, од Работната група која беше формирана од Владата по доаѓањето на власт во 2017 година и натаму сметаат дека Портата и споменикот на Мајка Тереза треба да бидат урнати и целиот простор да се врати во првобитната состојба.
Излегува дека ниту на надлежните се уште не им е јасно што ќе се случи со „Порта Македонија“. Односно, околу неа кружат контрадикторни ставови и неизвесно е кој од нив ќе помине низ неа?
На социјалните мрежи многу скопјани сметаат дека власта сепак ќе ја руши затоа што на неа пишува – Македонија.