Тројца македонски доктори од Европа размислуваат да се вратат во земјава, рече Таравари

Секаде во регионот се проблем човечките ресурси, посебно во здравството, таква е состојата и во Словенија, Хрватска кои бараат лекари, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари, на средба со медиумите. На новинарска реакција дека од Здруженијата на матични лекари рекоа оти за една деценија 400 лекари се пензионирале, дека никој млад доктор не сака да биде матичен лекар, министерот рече дека како Влада може да ги подобрат условите и платите, дека ќе има колективен договор, во април ќе се зголемат и бодовите за матичните лекари, дека ќе се вработат 600 специјализанти.

-Тие што се решени да одат од државата, за жал, не може да ги задржиме со сила. Даваме подобри услови. Во последните два месеца мене ме посетија тројца доктори кои работат во различни европски држави коишто се заинтересирани да се вратат во државата. Можеби бројката е симболична, тројца, но за нас тоа е мошне мотивирачки. Сериозно како Влада и Министерство за здравство да размислиме да ги отвориме вратите, барем оние што се поблиски, од Хрватска или Словенија и од другите европски држави, ако имаат тригодишно работно искуство да им бидат отворени вратите во сопствената држава и да ги интегрираме во нашиот здравствен систем, рече Таравари.

За мораториумот на специјализациите, кој го најави уште првиот ден на оваа функција, Таравари рече дека првпат после многу години се случува Министерството да седне на маса со деканите на трите Медицински факултети и да им укаже дека и приватните и државните специјализации ќе бидат под контрола на Министерството.

„Објавата за специјализации малку доцни, но тоа е така бидејќи размислуваме на мотивирачки елементи во конкурсот за да се пријават нови патолози на пример, бидејќи во цела држава има 15-20. Има 150 кардиолози или пластични хирурзи. Конкурсот треба да се објави до крајот на јануари, а приватните веќе се објавени по наши препораки. Како еден млад доктор да се мотивира да биде патолог, ете дајте ни време како да го направиме тоа?“, рече министерот.

Прашан колкава оценка би му дал на здравствениот систем на скала од 5 до 10, рече би му дал оценка 8.

-Даваме максимум, посебно последните шест месеци, за да се поправи што подобро. Иако хотелиерските услуги можеби не се најдобри во јавното здравство, но услугите што ги добиваат граѓаните и медицинскиот персонал се квалитетни, рече министерот.

Претходна вестПо 6.000 денари ќе добива секое новороденче во Гостивар
Следна вестОсудени родителите на момчето убиец од Србија