Во предизвикувањето на пожарот кај Расадник се вмешани три деца од блиското соседство, изјави денеска градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
-Се работи за сериозна информација. Не е шпекулација. Станува збор за тројца малолетници коишто живеат во непосредна близина на местото. Знаете, понекогаш нечија детска игра може да предизвика сериозна штета и фала на Бога што таму немаме материјална штета, немаме човечки жртви, што е многу важно, изјави денеска Ѓорѓиевски.
Од локалната самоуправа бараат полицијата целосно да го расветли случајот.
Од министерството за внатрешни работи потврдуваат дека неколку лица се повикани на разговор.
-Повикани се неколку лица. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за целосно расветлување на случајот, по што ќе следува и соодветен поднесок, информира МВР.