Еден работник починал, а друг се бори за живот откако се затруле во свињарска фарма во светиниколското село Амзабегово. Според првичните информации, работниците се затруле од хемиска материја. Засега нема детали за каква конретно материја станува збор, но најверојатно се работи за амонијак.
СВР Штип го потврди случајот кој бил пријавен околу 11 часот.
-На самото место починал работникот О. Т. роден 1978 година, а второто лице, односно работник С. Ј. роден 1971 година е пренесен во комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје“, вели портпаролот на СВР Штип, Гордана Панајотова.
Неофицијално се дознава дека работниците се затруле додека чистеле во еден од објектите на фармата. Првиот работник со иницијали О.Т на 45 годишна возраст, паднал во септичка јама и починал на лице место, а вториот 53 годишен, е пренесен на комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од Клиниката за токсикологија информираат дека, според очевидци, примениот пациент пристапил до јамата за да му помогне на колегата, но заради вдишување на голема концентрација амонијак ја загубил свеста. Првичните наоди се дека амонијакот направил оштетувања на мозокот кои ќе се знаат после 48 часа, откако ќе му се направи компјутерска томографија.
Во свињарската фарма во село Амзабегово е извршен увид од екипи од трудов и санитарен инспекторат, Одделението за внатрешни работи (ОВР) Свети Николе и јавен обвинител. Телото на починатиот работник, по наредба на јавен обвинител, ќе биде предадено на обдукција.