Формира ли поранешниот претседател на Македонија, основач и долгогодишен лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, нова партија и колку таа ќе предизвика земјотрес во владеачката партија? Ваква дилема се јави деновиве откако неколку медиуми неофицијално најавија дека формирањето на новата партија се очекува пред есенските локални избори, а членството ќе го сочинуваат незадоволните од актуелното раководство на СДСМ.
И Зоран Заев кој сега е на чело на СДСМ не е рамнодушен на оваа најава.
–Претседателот Црвенковски не може да биде друго освен СДСМ, затоа не верувам во вакви приказни кои се присутни во јавноста дека тој ќе формира нова партија, но дефинитивно треба да го прашате. Тој беше претседател на партијата долг период, претседател на државата. Верувам дека шпекулациите како и за многу други работи се присутни. СДСМ покажа сериозно единство и во време на опозиција и преземање на власта. Нашата намера е така да продолжиме. Ние на овие избори повторно ќе настапиме со единство, ќе ги избереме најдобрите кандидати. Во СДСМ секогаш имало различни мислења, некогаш се прифаќаат предлозите на членовите, некогаш раководството ги повлекува предлозите бидејќи не се прифатени од членовите, а се со цел да се чуе сечие мислење и да се спроведе тоа што е најдобро, изјави денеска Заев.
И од партијата порачаа дека „веруваат дека враќањето на Црвенковски нема да се случи“.
Засега Црвенковски молчи и ниту ги потврдува ниту ги демантира информациите. Во јануари годинава кога, исто така, за првпат се појавија шпекулациите дека ќе прави партија Црвенковски експресно демантираше дека е вклучен во било какви политички активности и порача дека останува на ставот да не ги коментира политичките случувања во земјава. Но, сега такво деманти се уште нема… Познато е, од лани Црвенковски го замрзна своето членство во СДСМ како резултат на неговото остро спротивставување на контоверзните ставови кои премиерот и лидерот на СДСМ Зоран Заев ги кажа во интервјуто за бугарската агенција.
Кога го замрзна своето членство Црвенковски порача дека дотогаш имало повеќе поводи за реакција но се воздржувал од тоа. Но, по скандалозното интервју на Заев тој беше категоричен дека е потребно да се свика партиски Централен одбор за да се огради од ставовите на Заев.
Тогаш, неколкумина поранешни истакнати партиски функционери ги поддржаа ставовите на Црвенковски. Во меѓувреме, во јавноста, по разни поводи се забележуваат критики на поранешни функционери на СДСМ на политиката која ја води Заев. Заминувањето на потпретседателката Радмила Шекеринска од партиската функција, најава дека поранешни социјалдемократи ќе настапат со посебна листа на локалните озбори во Охрид само дополнително ги подгреа сите шпекулации на кои одговорот треба да го даде Бранко Црвенковски.