Убаво: И Домот на градежници доби зелен покрив со разни садници

Отворен е зелен покрив на Домот на градежниците „Кочо Рацин“ што е втор ваков проект во градот. Едниот е на ГТЦ.

На површина од речиси 400 квадратни метри се засадени над 30 различни видови садници, како и тревна површина и вертикално зеленило на ѕидовите, а поставени се и клупи и канделабри. Проектот за изградба за зелениот покрив на Домот на градежници е финансиран од буџетот на Град Скопје во вредност од околу 18,5 милиони денари, а имплементиран е во соработка и со поддршка на УНДП.

– Идејата на Градот е на оваа површина во текот на летниот период да организираме мини отворено кино, таканаречено „немо“ кино во кое со слушалки ќе се гледа претставата, за да не пречиме на соседството. Ем ќе ги вратиме спомените, ем ќе го облагородиме овој простор, рече денеска скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Согласно со податоците од релевантни истражувања температурите на зелениот покрив можат да бидат пониски од 16 до 22 Целзиусови степени споредено со конвенционалните покриви. Со тоа, температурите на околината можат да се намалат до 3 Целзиусови степени, при што потрошувачката на електрична енергија потребна за ладење на овие објекти би се намалила за 0,7 отсто.

Да се надеваме дека Град Скопје ќе направи барем уште неколку вакви покриви до истекот на мандатот на сегашниот градоначалник.

Претходна вестЛевица: Обвинителството итно да покрене истрага за случајот со увозот на опасно масло за горење
Следна вестПендаровски и Радев на пат кон Рим неформално ќе разговараат за бугарското вето