Учебници, тетратки, прибори…, сето ова од денеска се наоѓа во ученичките ранци со кои одат на настава. Но, со нив се и мобилните телефони како „задолжителен“ дел од опремата.
Колку мобилните телефони се корисни, а колку пречат во наставата?
На оваа дилема треба надлежните да дадат одговор, а потоа и да делуваат соодветно. Во јавноста е се поприсутен впечатокот дека користа е помала од штетата.
Мобилните телефони можеби некогаш се користат и како нагледно средство кое помага во наставата, но многу повеќе се користат за препишување во ситуации кога се одговара на тестовит преку заеднички вибер-групи, за снимање и објавување на најразлични ситуации во училниците почнувајќи од тепачки па до инциденти со наставниците, за комуницирање преку социјалните мрежи наместо да се следи наставата и слично… Паметните телефони, покажуваат искуствата, станаа пречка за редовното одвивање на наставата при што ја намалуваат концентрацијата на учениците, комуникацијата меѓу нив и наставниците и, воопшто, го намалуваат нивото на знаењата на учениците.
Оттаму, не е изнезнадување што во многу земји веќе се донесени одлуки со кои на учениците им се забранува или скратува користењето на мобилните телефони во текот на наставата во училиштата. Франција ваквата одлука ја воведе како прва земја уште во 2018 година. Досега, забраните се воведени и во Холандија, Албанија, Австралија, Велика Британија, Кипар, Канада, а различни форми на забраните постојат и во Гвинеја, Летонија, Мексико, Белгија, Португалија, Шпанија, Швајцарија, САД, Бангладеш, Таџикистан и Узбекистан…
Во Белгија, Шпанија и Англија е забележано подобрување на академските резултати, особено меѓу учениците со послаби резултати, по воведувањето на забраните за употреба на мобилни телефони во училиштата. Минатата година дури и УНЕСКО побара од училиштата на глобално ниво да воведат забрана за користење на смартфоните, бидејќи негативно влијаат врз учениците.
-Користењето на мобилните телефони е поврзано со намалениот успех на учениците, ги изложува децата на насилство и ги прави емотивно нестабилни, пишува во образложението на одлуката.
Како ќе постапи Македонија?
Се уште нема единствена законска регулатива, оставено е на училиштата сами да решаваат. Минатата година Владата усвои препораки до општините и Градот Скопје да ги задолжат директорите на основните и средни училишта да направат организација и протокол за начинот на користење на мобилните телефони на учениците и наставниците за време на часовите и во просториите на училиштата. Но, оттогаш до сега само мал број на училишта вовеле таква пракса.
Минатиот септември, на пример, основното училиште „Карпош“ од Умин Дол, кумановско, донесе одлука со која на учениците им забрани користење телефони во текот на настават.
-Се известуваат сите ученици од прво до деветто одделение дека, денес, 04.09.2023 година стапува на сила апсолутна забрана за користење на мобилни телефони во текот на наставата, вклучувајќи и одмори. Секој родител ќе има број од одделенскиот раководотел, за потребата на секој ученик. Сите телефони кои ќе бидат затекнати во училишните простории, ќе бидат запленети и нема да бидат вратени до крајот на учебната година! пишува во одлуканата на Советот на родителите и на Училишниот одбор.
Денеска почнува новата учебна година, треба да почне и сериозното размислување – што со мобилните телефони во училиштата.
Време е надлежната министерка да се фати за „мобињката“ и да ги повика одговорните од Бирото за развој…, па разните други институти и дебело платени раководители, па… На нив не треба да им е забрането комуницирање-користење на мобилен телефон за време на работа ако е тоа во интерес на подобрата настава. Напротив.