Од година во година меѓуврсничкото насилство во Македонија бележи тренд на зголемување во основните и средните училишта. Европските држави кои бележат ниска стапка на булинг во воспитно-образовните институции имаат напреден систем на следење на ваквите случаи и меѓуинституционална соработка.
Екпертите од областа објаснуваат дека за една земја да го следи врсничкото насилство, трендот на неговиот пораст или намалување, потребно е институциите да ги ажурираат податоците и да имаат дата база на податоци за ваквите случаи.
Во Македонија, освен полицијата која води статистика за регистрирани случаи на врсничко насилство во училиштата, ниту една друга инволвирана институција не располага со податоци за овие случаи.
Вчера рано наутро, мајка од Скопје пријавила дека нејзината ќерка била нападната во училница во училиште во Кисела Вода, соопшти полицијата. 36-годишната мајка пријавила дека ќерката била нападната од нејзин соученик во период околу големиот одмор во училиштето. Момчето користело и тврд предмет при напдот врз својата соученичка.
Полицијата го истражува случајот и објави детали од пријавата во синоќешниот дневен билтен:
Денеска (05.02.2024) во 08.00 часот во СВР Скопје, Г.Т.И.(36) од Скопје пријавила дека на 02.02.2024 околу 09.30 часот во училница од основно училиште на подрачјето на Кисела Вода во Скопје, нејзината малолетна ќерка била физички нападната од нејзин соученик, кој употребил и тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.