Пред повеќе од еден месец, лице вработено во М-НАВ заедно со уште неколкумина други влегоа во објект на скопскиот аеродром, најпрво карајќи се и навредувајќи ги вработените, а потоа и физички нападнаа некои од нив бидејќи давале поддршка на протест и на Синдикатот. Со тоа сериозно го загрозија целиот авио-сообраќај кој во тој момент се одвивал на македонското небо.
Денес е укинат притворот за шестмина осомничени за овој упад, откако пред 4 недели беше укинат притворот и за функционерот на ДУИ, Беким Незири. За укинатиот притвор од Основниот кривичен суд излегоа со соопштение кое ви го пренесуваме во целост:
– Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска достави предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за шест лица осомничени за кривичното дело Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст. 2 вв со чл. 22, а поврзани со случувањата од 4 – ти јануари во М-НАВ, и определување на мерки за претпазливсот.
Постапувајќи по предлогот на Јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка, го прифатија предлогот на Јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А.О., Р.Б. и Љ.Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, додека за С.Ш., О.А. и Е.С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст.1 т.1,2.3 и 6 односно, Забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, Одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, Обврска обвинетиот да се јавува во судот и Забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.