Слика на единствениот Винсент Ван Гог, која била украдена од холандски музеј во март 2020 година, е повторно во сигурни раце по повеќе од три години потрага, пишува „Би-би-си“. Холандскиот уметнички детектив Артур Бренд објави дека сликата стара 139 години му била врачена во перница и кеса од „Икеа“ од анонимен човек, кој се појавил пред неговата влезна врата од домот.
– Го направив ова во целосна координација со холандската полиција и знаевме дека овој човек не бил вклучен во кражбата, рече Артур.
Во 2021 година, криминалец беше осуден на осум години затвор поради инцидентот со кражбата. Но, дотогаш сликата, вредна неколку милиони евра, веќе беше во сосема други раце.
Сликата во сопственост на музејот во Гронинген, која е создадена во 1884 година, ја прикажува пролетната градина на црквата во холандскиот град Нуен. Таа е украдена, откако била позајмена од музејот „Сингер“, во Ларен, југоисточно од Амстердам. Крадецот со чекан пробил две стаклени врати во музејот, за да стигне до вредното ремек-дело.
Крадецот роден во Франција, 59-годишниот Нилс М, кој живеел на кратко растојание од Ларен, бил осуден за кражба на делото, како и на сликата на Франс Халс од музејот во Лердам, во близина на Утрехт. Неговата ДНК е пронајдена на двете места на злосторството.
Бренд, кој соработувал со холандската полиција во потрагата по ова дело, вели дека официјалните лица знаеле дека сликата ќе премине од една во друга група во криминалното подземје. На крајот, му пришол човек од Амстердам кој останал анонимен, а му понудил да ја врати сликата во замена за целосна доверливост.