Русија ги повлече речиси сите свои војници од Белорусија, соопшти украинската гранична служба. Руската армија ја користеше белоруската територија како полигон за голем дел од војната.
– За среќа, бројот на руски војници во белоруските области каде што се одржува обука постојано се намалува, изјави портпаролот на службата Андриј Демченко, а пренесува „Скај њуз“.
„До неодамна нашите проценки укажуваа на бројка од 2.000 војници, но сега дојде до нова ротација и речиси сите руски сили се повлечени од територијата на Белорусија“, додаде тој.
Пред инвазијата на Украина, руската армија одржа заеднички вежби со Белорусија и оттаму започна некои напади. Путин претходно оваа година рече дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија.