Украина собира докази за воени злосторства кај Буча, Москва вели дека снимките се „нарачка“ од САД и НАТО

Воените дејствија во Украина продолжуваат и денеска. Во градовите околу Киев се пронајдени 410 тела на цивили, во рамките на истрагата за можни воени злосторства на Русија, изјави главната јавна обвинителка на Украина, Ирина Венедиктова.

-Од територијата на киевскиот регион досега се собрани 410 тела на убиени цивили, од кои 140 се испитани од обвинители и други експерти. Мора да работиме со сведоци, но локалните луѓе моментално се премногу потресени за да можат да зборат, изјави Венедиктова.

Од друга страна, Москва негира такво нешто и тврди дека зад убиствата на цивилите стојат украински радикали и националисти и бара итна седница на СБ на ОН за ова прашање. Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека снимките од загинатите цивили во Буча биле „нарачани“ од САД како дел од заговорот да се обвини Русија.

– Кои се господарите на провокациите? Се разбира, САД и НАТО, изјави портпаролката на Министерството Марија Захарова во интервју за државната телевизија доцна синоќа.

Таа вели дека моменталното врескање на Западот поради сликите на загинатите цивили укажува на тоа дека приказната била дел од планот за нанесување штета на угледот на Русија.

– Во овој случај, ми се чини дека фактот што овие изјави (за Русија) беа дадени во првите минути по појавувањето на овие материјали не остава сомнеж за тоа кој ја „нарачал“ оваа приказна, оцени Захарова.

Русија почна тајна мобилизација на резервистите, тврди украинската армија во најновиот извештај, а пренесува Би-би-си.

Украинскиот претседател Зеленски одржа говор на наградите „Греми“.

Претходна вестКазнети 913 возачи, 67 возеле и над 50 километри повеќе од дозволеното
Следна вестЗошто Град Скопје лани вработил уште 83 лица и што тие сработија?