Украинците во земјава протестираа пред Руската амбасада: Да запре војната!

Фото: Макфакс

Десетици граѓани протестираа пред Амбасадата на Русија во Скопје каде ја отпеаја украинската химна и повикаа на дипломатско решавање на несогласувањата помеѓу двете држави.

Тие носеа транспаренти и извикуваа: „Стоп за војната во Украина“, „Путин убива деца“ и „Путин фашист“.

-Да се реши конфликтот на дипломатско ниво. Да се сопре војната и да биде мир. Мир во Украина, мир во Европа, мир на Балканот, порача Олександар Орбанович претседател на Здружението на Украинци во Македонија, кој веќе седум години живее во Скопје, додека дел од неговата фамилија и понатаму е во Украина.

-Сакаме да веруваме во мирен начин на решавање на проблемот, рече Орбанович.

Протестот започна на плоштадот „Македонија“ по што учесниците мирно маршираа до Руската амбасада.

-Ние, Украинците во Македонија, излегуваме денеска на протест да изразиме поддршка за нашите роднини, пријатели, кои се изложени на брутален напад. Да кажеме стоп за војните во 21 век, да кажеме стоп за трета светска војна и не за страдањето што низ цела Европа може да го донесе агресијата што сега се случува врз невино население во Украина, стоеше во најавата на протестот.

Претходна вестБизнисот бара маржите да се замрнат на 20 отсто и само на основните производи
Следна вестСончево утро со влошување на времето во попладневните часови