УНИЦЕФ во Македонија ја поздрави одлуката за отворање на училиштата поради како што велат, кај нас било најдолгото затворање на училиштата при што мнозинството ученици посетувале онлајн настава вкупно 54 недели.
-Сфаќаме дека одлуките за отворање на училиштата се разгледуваат во контекст на епидемиолошката состојба со ковид-19 и на нашето сѐ поголемо разбирање на ризиците што ги носат новите варијанти на вирусот, но, училиштата секогаш мора последни да се затворат и први да се отворат, кога тоа е безбедно. Со неизвесноста на почетокот од пандемијата, преминот кон настава од далечина беше неопходен, но замислен како краткорочна мерка, а не замена за учењето со физичко присуство. Владите низ светот многу често ги затвораа училиштата за настава со физичко присуство во подолг период. Затворањето на училиштата често се применуваше како прва, а не како последна мерка. Во многу случаи, училиштата беа затворени, а баровите и рестораните остануваа отворени, вели Патриција Диџовани, претставник на УНИЦЕФ кај нас.
Напоменува дека истражувањето што го спровеле со раководителите на училиштата, наставниците и родителите покажало дека над половина од наставниците забележале пораст во бројот на ученици кои имале тешкотии или не успевале да го усвојат наставниот материјал поради наставата од далечина. Повеќето наставници исто така во одредени моменти од наставата на далечина, не можеле да контактираат со некои ученици.