УПОЗ бара или скалест раст на сите плати или оди на генерален штрајк

Зголемениот минималец мора да резултира и со скалесто покачување на останатите плати, во спротивно ќе се предизвика крах на системот и урамниловка – голем дел од јавниот сектор ќе се сведе на минимална плата, реагира денеска Синдикатот на работниците од управата и правосудните органи (УПОЗ) кој се заканува со штрајк доколку нема порамнување на сите примања.

Вчера, имаше седница на Економско-социјалниот совет, каде Владата излезе со прогноза дека минималната плата со исплата во април ќе биде 18.000 денари. Сега ќе имаме неповолна ситуација само за вработените во локалните самоуправи, во државната управа и во правосудството во цела Македонија. Кај нас системот на плати е според образование и според ниво. Сега Владата несвесно, иако беше многупати досега укажано од синдикатот на УПОЗ и на сите синдикати во јавниот сектор, отвори пандорина кутија која нема да може да ја затвори. Тоа ќе значи дека ќе имаме едно ниво со средно образование кое ќе има иста или повисока плата од вработените со високо образование и ниво на помошно-технички вработени, кое ќе дојде со иста плата со вработените со високо образование, вели претседателот на УПОЗ Трпе Деаноски.

Според него, неопходно е уважување на членот 8 од Законот за минимална плата каде се прецизира усогласувањето на платите со порастот на минималната плата.

УПОЗ предупредува дека државата и досега не ги почитувала законите кои самата ги изготвува и 5.000 до 8.000 работници и до сега земале под минимална плата или 14.500 денари наместо 15.200 колку што е минималецот.

Законот за минимална плата утре ќе се најдe на пленарна седница во Собранието.

Откако вчера измените поминаа на владина седница, денеска ги добил и претседателот на парламентот Талат Џафери, кој со нив го дополнил дневниот ред за седницата закажана за утре.

Од Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска порачаа оти очекуваат пратениците едногласно да го поддржат минималецот од 18.000 денари.

Претходна вестПо две години пауза продолжија Училишните спортски игри
Следна вестКривична за возачот на Бесими и Бектеши за сообраќајката пред Владата