Управата за извршување санкции за „ослободувањето“ на Кичеец: Има дијагноза тахикардија

На осудениот Зоран Милески му е одобрен 30-дневен прекин на издржувањето на казната затвор, поради влошена здравствена состојба, за која тој доставил и специјалистички извештаи од лекарски прегледи, во кои е наведено дека пациентот се јавил на преглед поради проблеми со срцето, градна болка, видлива агитираност… кои се јавиле после интезивен психички и физички стрес, објаснуваат денеска од Управата за извршување санкции, откако Милески, кој е на отслужување на казната за „Рекет“ во струшкиот затвор, викендов учествуваше во сообраќајна несреќа на патот Гостивар-Кичево, во која едно лице загина, а седум се повредени и јавноста дозна дека тој е надвор.

Од Управата во соопштението велат дека Милески има решение од 10.08.2021 година со кое му е одобрен прекин на издржувањето на казната затвор во согласност со чл. 225 ст.1 од Законот за извршување на санкциите, и тоа во времетраење од 30 дена, и на 9.09.2021 година тој треба да се врати во затворот Струга на издржување на казната.

Прекинот од 30 дена, кој не му се засметува во вкупната казна затвор, му е одобрен откако доставил специјалистички извештаи од лекарски прегледи во ЈЗО Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св.Стефан“ во Охрид, во кои е наведено дека пациентот има дијагноза „суправентрикуларна тахикардија“.

Кичеец е осуден на тригодишна затворска казна откако призна вина во случајот „Рекет“ каде се осудени и Бојан Јовановски – Боки 13 и Катица Јанева.

По правосилноста на неговата пресуда, тој лани во октомври влезе во Казнено-поправниот дом (КПД) Струга, а во моментов се наоѓа на 30-дневен прекин во извршувањето на казната. Како што вчера објаснија од Управата за извршување санкции, прекинот му е даден поради здравствени причини и трае до 8 септември.

Кичеец има одлежано повеќе од половина од казната, а затворот во Струга е од отворен тип што значи дека тој има право и секојдневно да излегува од затворот доколу е вработен, да користи викенд еднаш месечно, како и годишен одмор од 22 дена.

 

Претходна вестБројот на новозаразени опаѓа, школите не се ризични средини, тврди Филипче
Следна вестНе е интернетот, апликацијата за попис е – Статистика му се извини на Телеком што го обвини за проблемите