Обвинителен предлог против едно физичко и едно правно лице за продолжено кривично дело – Фалсификување исправа поднел по спроведена опсежна претходна постапка и направените детални проверки јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.
-Обвинетиот 41-годишник, како управител на правното лице од Рашче, искористувајќи ист траен однос, исти прилики и слични околности, преку возачите кои управувале автобус во сопственост на фирмата, извршил повеќе временски поврзани дејствија и употребувал како вистинска лажна јавна исправа – Извод од лиценца за вршење на јавен превоз во меѓународниот патен сообраќај. Ваквата лиценца за наведениот автобус воопшто не била издадена од Министерството за транспорт и врски, а управителот изготвената лажна јавна исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и со неа тие ја преминувале државната граница. Во текот на постапката, надлежниот јавен обвинител обезбеди докази дека во периодот од 10.01.2021 до 21.11.2021 година автобусот на тој начин 20 пати ја преминал државната граница на различни гранични премини, се наведува во соопштение на Јавното обвинителство.
Во него се додава дека со опишаните дејствија обвинетиот сторил кривично дело – Фалсификување исправа по чл. 378 ст.3 вв со ст.1 вв со чл. 45 од Кривичниот законик, а правниот субјект сторил кривично дело – Фалсификување исправа по чл. 378 ст. 4 вв со ст.3 вв со ст.1 вв со чл. 45 од Кривичниот законик.
-Прибраните докази во текот на претходната постапка, кои се однесуваат на постапувањето на царинските службеници на граничните премини задолжени за контрола на изводите од лиценци, Основното јавно обвинителство Скопје ќе ги достави на надлежно постапување на Одделението за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, наведува Јавно обвинителство.