Уште една група авганистански граѓани кои привремено престојуваа кај нас утрово замина од Македонија. Од Меѓународниот аеродром Скопје, 27-те Авганистанци заминаа за Даблин, Ирска, како нивно трајно одредиште, соопштија од Владата.
Станува збор за граѓани кои работеле за демократските институции и меѓународни невладини организации во Авганистан, и беа под закана на новиот талибански режим во земјата, а трошоците за престој кај нас во целост се покриени од меѓународните организации.
Во моментов во земјава престојуваат 442 граѓани од Авганистан, жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните, демократски и миротворни меѓународни мисии, активисти од организациите за човекови права, преведувачи, студенти и стипендисти.
Пред една недела, десетмина Авганистанци заминаа во Франција каде што ќе чекаат да им се признае правото на азил.