До Државната изборна комисија стигнала уште една иницијатива за собирање потписи за кандидатура за претседателската трка. Новиот кандидат кој ќе собира 10 илјади потписи до утре на полноќ е извесен Драган Николовски.
Како и за сите останати така и за новиот кандидат за собирање на граѓанска поддршка со која би се официјализирала неговата кандидатура достапни се подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.
До овој момент седум кандидати ги официјализираа своите кандидатури. Билјана Ванковска-Цветковска, кандидат од партијата Левица, од граѓаните собра 10 500 потписи, Бујар Османи од ДУИ – 11 085, Максим Димитриевски од ЗНАМ – 11 605, Стевчо Јакимовски од ГРОМ – 11 202, Арбен Таравари од Коалицијата „Вреди“ – 10 710, кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, има собрано 22 411 потписи и Гордана Силјановска, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ – 28 086 потписи.
Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 876, кандидатот Вело Марковски 1 551 потпис, Ѓорѓи Манасков 468, Зорица Цветковска 255, Господин Попоски 137 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатите Томе Николоски и за Гоце Ристов.
Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.