Уште еден кандидат за претседател доставил иницијатива за собирање потписи

До Државната изборна комисија стигнала уште една иницијатива за собирање потписи за кандидатура за претседателската трка. Новиот кандидат кој ќе собира 10 илјади потписи до утре на полноќ е извесен Драган Николовски.

Како и за сите останати така и за новиот кандидат за собирање на граѓанска поддршка со која би се официјализирала неговата кандидатура достапни се подрачните одделенија/канцеларии на Државната изборна комисија на цела територија на државата.

До овој момент седум кандидати ги официјализираа своите кандидатури. Билјана Ванковска-Цветковска, кандидат од партијата Левица, од граѓаните собра 10 500 потписи, Бујар Османи од ДУИ – 11 085, Максим Димитриевски од ЗНАМ – 11 605, Стевчо Јакимовски од ГРОМ – 11 202, Арбен Таравари од Коалицијата „Вреди“ – 10 710, кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, има собрано 22 411 потписи и Гордана Силјановска, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ – 28 086 потписи.

Сите останати пријавени кандидати за шеф на државата имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 1 876, кандидатот Вело Марковски 1 551 потпис, Ѓорѓи Манасков 468, Зорица Цветковска 255, Господин Попоски 137 потписи. Според податоците од ДИК, во овие пет дена, ниту еден потпис нема за кандидатите Томе Николоски и за Гоце Ристов.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Претходна вестВо Албанија отворена првата воздухопловна НАТО база на Балканот
Следна вестЕурофарм Пелистер остана на нула во ЛШ: 14 порази на исто толку натпревари