Основниот кривичен суд Скопје денеска соопшти е одобрено обвинението за „Поштенска банка“, кој согласно АКМИС – системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај судија.
Во случајот обвинети се девет лица меѓу кои Коле Смилевски, бизнисменот од Гевгелија, Томе Главчев и бизнисменот и ексградоначалник на Кочани, Ратко Димитровски. Кривичните дела опфатени со обвинението се злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за перење пари.
Истрагата за „Поштенска банка“ беше отворена на 13 ноември 2018, а обвинението беше поднесено на 15 декември 2020. Случајот го отвори СЈО, а по згаснувањето тој заврши под надлежност на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Кога СЈО ја отвори истрагата во 2018 година, како осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување ги спомена и поранешни високи функционери односно експремиерот Љубчо Георгиевски, вицепремиерот Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, како министер за финансии во владата на Георгиевски. Меѓутоа, како што нагласија тогаш од СЈО, тие не се гонат поради застарување на делото.