Уште едно обвинение за Груевски, Мијалков и Камчев – овојпат за плацовите на Водно

Овинителството за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе обвинение за случајот „Плацови на Водно“, во кој меѓу осомничените се експремиерот Никола Груевски, бившиот директор на УБК, Сашо Мијалков, кумот на Груевски – Ристо Новачевски, бизнисменот Јордан (Орце) Камчев, неговата мајка Ратка Камчева и Ненад Јосифовиќ.

Обвинителството бара и продолжување на притворот за Камчев, кој му беше определен на 14 март поради опасност од бегство.

Истрагата за случајот „Плацови на Водно“ беше отворена во октомври лани и, според наводите од обвинителството, во периодот од 2006 до 2012 година со пари од членарина и партиски донации на ВМРО-ДПМНЕ биле купувани атрактивни парцели на Водно, односно земјиште од 11.000 квадратни метри.

Оваа истрага неодамна се прошири, се вршеа претреси во зграда на Бихаќка, а потоа беше соопштено дека се откриени два нови стана и уште еден плац од 3.000 квадратни метри на Водно, кои се сметаат за сопственост на Груевски. Тој имот е замрзнат.

-Обвинетиот Н.Г. како  службено лице спротивно на законската должност  од чл. 33 ст. 2  од Законот за спречување на корупцијата, со намера да го прикрие имотот со кој се стекнал додека вршел државна функција, а кој во значителна вредност ги надминува неговите законски приходи во Анкетен лист што го доставил  по престанок на функцијата до Државната комисија за спречување на корупцијата дал непотполни податоци за недвижниот имот што го поседува, а фиктивно се водел на обвинетиот Р.Н. Па така, во графата “Недвижен имот“ не пријавил два стана во Скопје со површина од 38м2 и 57 м2, градежно земјиште во Центар во Скопје со површина од 2729 м2 и две градежни парцели во Крушево во вредност  од 795.424.,00 денари, велат од ОЈО.

Надлежниот обвинител со Обвинителниот акт на судот му предложи предметниот недвижен имот трите плаца на Водно да бидат конфискувани, како и становите од 57м2 во вредност од 60.000 евра и 38 м2 во вредност од 41.000 евра, градежното земјиште со површина од 2729 м2, евидентирано во имотен лист за КО Центар 2 во вредност од 7.365.600,00 денари и двете градежни парцели за КО Норово – Крушево во вредност  од 795.424.,00 денари.

Обвинителството бара притвор за Н.Г. по неговото пронаоѓање, продолжување на приворот за Ј.К, додека за обвинетите Н.Ј. и Р.К.К. мерка на претпазливост – обврска да се јавуваа еднаш неделно кај определено службено лице во Основниот кривичен суд Скопје. За Р.К.К. исто така се бара и привремено одземање на македонскиот и на бугарскиот пасош до завршување на постапката.

Претходна вестКој што прави, кај нас се гради: Во март издадени над 50 отсто повеќе одобренија од лани
Следна вестПродолжен притворот на Камчев, притвор и за Груевски кога ќе биде пронајден