Универзалната сала беше еден од симболите на Скопје. Сега таа полуразрушена градба е симбол за тоа какви луѓе го водеа и водат главниот град и какви луѓе беа и се на чело на државата.
Осум години се чека нејзино реконструирање. А започнаа помпезно, ја соголија и потоа…
Ќе продолжи ли реконструкцијата, ќе има ли пари, сигурен ли е проектот, кога ќе се заврши, ќе биде ли пак убаво место, мораше ли и по осум години објектот да стои како руина… Сето ова се прашања кои деновиве пак се актуелни. Скопската градоначалничка Данела Арсовска се согласи култната скопска сала која е затворена од 2015-та година времено да и се отстапи на Владата за да се заврши реконструкцијата започната во 2021 година.
Таква одлука Советот на Град Скопје се очекува да изгласа на утрешната седница по што обновата треба да продолжи. А таа беше закочена откако Аросовска, по доаѓањето на градоначалничката функција, утврди дека има проблеми со сигурноста на основниот проект, дека има пропусти кои не ја гарантираат безбедноста на посетителите и дека треба да се отклонат. Потоа следеа натегањата со Министерството за култура и барањата салата да и биде отстапена на Владата за да се заврши откако веќе се потрошени првично одвоените два милиона евра.
Откако во Градот Скопје сфатија дека не можат да ја завршат реконструкцијата, за која е неизвесно колку на крајот ќе чини, сега тоа ќе прејде во рацете на Министерството за култура.
Значи, реконструкцијата треба да продолжи. Ќе биде ли тоа брзо или во стилот на Владата со градењето на патиштата – бавно, бавно…?
Инаку, јавноста претходно би требало да знае што се случи со утврдените пропусти во проектот? Дали тие се отклонети, дали промените се доволно проверени за целата конструкција да биде стабилна. Освен ова, треба и да се знае дали веќе сега се обезбедени нови средства за целосното завршување на Салата или парите сега ќе се бараат.
Универзална сала во изминативе осум години откако е затворена многупати беше блокирана во обновата. Се правеа и менуваа најразлични проекти, а резултат на сето тоа беше загубено време.
Да можеше Универзална да зборува, сигурно само ќе плачеше. Да се надеваме дека наскоро во неа пак да се чуе песна.