Уште колку време власта ќе го држи во тајност договорот за коридорот 8 и 10?

Не стивнува големото незадоволство во јавноста од се што се случува околу најавената изградба на автопатишта, односно коридорите 8 и 10. Да биде незадоволството уште поголемо помага и фактот дека се уште никој не може да го види Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Народот треба да плати неверојатни  една милијадра и 300 евра, ама не може да го види договорот со кој тоа се овозможува. Зошто е тоа така?

Договорот не успеала до денеска да го добие ни Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК). Комисијата на 11 април годинава упатила допис до Владата да ѝ биде даден на увид договорот за изградба на автопатиштата, но до сега не добиле никаков одговор оттаму. Сега Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) има законска обврска да поведе прекршочна постапка против Владата затоа што вчера истече рокот во кој требаше да ѝ биде доставен договорот.

Ќе го сторат ли тоа антикорупционерите? Според Законот за спречување корупција и судир на интереси на барање на комисијата, Владата има рок од две недели да ѝ ги достави сите документи што антикорупциската комисија ќе ги побара на увид.

Ако не биде испочитувано ова правило тогаш Владата може да биде парично казнета од 200 до 400 евра. Оваа силна казна ќе ги предомисли ли во Владата и ќе им го испрата ли многустраниот договор на антикорупционерите?

Пред извесно време увид во договорот побараа и девет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои поседуваат безбедносен сертификат. Имаше најави од премиерот Ковачевски дека ќе им биде прикажан договорот, ама се чини дека се одолговлекува. И најавата е дека нема договорот да им се даде туку ќе им се покаже и презентира.

Во целата ситуација излегува дека Договор како да станува најстрога државна тајна. Не успева да го види ниту Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Имено ОЈО ГОКК на 28 март годинава оформи предмет по допрен глас за надзорот на изградбата на автопатиштата, кои се дел од коридорите 8 и 10 д.

– ОЈО ГОКК, следејќи ги информациите по медиумите поврзани со изградбата на автопатиштата, со цел да ги провери наводите што се изнесуваат во јавноста, отвори предмет по допрен глас. Предметот е распореден кај надлежен јавен обвинител, кој презема дејствија и ќе изврши проверки, по што ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката, информираа тогаш од ОЈО ГОКК.

Но, прашање е дали договорот дури и на Обвинителството му се доставува.

Власта само повторува за јавноста дека при изградбата на патиштата на коридорите осум и десет се ќе биде законски. Најголема гаранција за тоа до сега е дадена од вицепремиерот Артан Груби:

– Ако се проневери и еден денар од проектот за изградба на Коридорите 8 и 10 д на „Бехтел и Енка“, ние политичарите да скапеме во доживотен затвор, рече Груби.

Дали ќе е доволно ова кажување „жими мајка“ на Груби или сепак власта ќе го даде на увид Договорот останува да се види. Засега е видливо дека договорот е невидлив.

 

Претходна вестНа вонреден технички преглед упатени 104 автобуси
Следна вестПортпарол на грчката Влада Скерцос: Никаква толеранција за паравоени нацистички групи, за беззаконие и за заплашување