Утре почнува ревизијата на договорот за изградба на автопатот Кичево – Охрид

Од понеделник ќе се екипира најавената ревизија за евентуално раскинување на договорот со кинески „Сино Хидро“ за изградба на автопатот Кичево – Охрид, кој се гради повеќе од 10 години.

-Ревизијата треба да констатира пропусти и отсуство на геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето, објави денеска ТВ 24.

Од задутре ќе се проверува фактичката состојба на терен и ќе се споделуваат мислења со експерти од градежниот сектор

На Првата конференција за патна инфраструктура што се одржува во Охрид, премиерот Димитар Ковачевски порача дека ќе побара ревизија на договорот со кинеската компанија Синохидро за изградба на автопатската делница од Охрид до Кичево.

–  Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради над десет години и се уште да не биде направен, притоа да се бара повторно продолжување што треба да оди пред пратениците. Од таа причина ќе побарам ревизија на овој проект, и со оглед на тоа што проектот од низа на причини не е завршен десет години, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на договорот и барање изведувач што ќе го изгради на квалитетен начин, а не да гледаме десет години да се прави пат, да се инвестираат пари, а да нема досега пуштен ниту еден метар од автопатот, рече Ковачевски.

Сериозни забелешки и критики за динамиката по која се гради автопатот Охрид – Кичево, претходно изнесе и првиот вицепремиер Артан Груби, истакнувајќи дека е неприфатливо таа делница да не е завршена после десет години од стартот на градежните работи.

– Изградбата започна во 2013 започна со 400 милиони евра, денеска е над 600 милиони евра и нема еден метар асфалт пуштен во употреба. Истекува рокот на крај на годината и сметам дека е крајно време и Владата и Собранието да го разгледа тој договор па ако треба и нека се прекине и нека се даде на друг затоа што ова е веќе скандалозозно и неприфатливо, рече Груби.

Oна што досега го споделуваат градежниците како причина за фијаското со проектот, се од старт направени безброј грешки и пропусти, лошо проектирана траса, свлечишта и деликатен непроверен терен, ненаправени геотехнички и геомеханички испитувања на земјиштето. И ова за секторот се само дел од причините за историската градба која никако да доживее свој епилог и која државата ја чини 600 милиони еврa.

Претходна вестФатени ловокрадци во скопско, запленети 7 отстрелани фазани, две пушки…
Следна вест„Европски сојуз за промени“ е името на коалицијата на опозицискиот албански фронт