В петок, литија низ Скопје со копија на иконата на Богородица Троеручица

Монасите од Света Гора, заедно со игуменот на манастирот Хиландар, преосветениот архимандрит Методиј, в петок, на 20 септември, во Скопје, ќе донесат копија од иконата на Богородица Троеручица, која ќе биде осветена, а потоа ќе се одржи литија низ улиците на главниот град.

Иконата подарок од манастирот Хиландар пристигнува во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Скопје во 17:00 часот, а во 17:30 часот ќе има вечерна богослужба и празнична литија со неа низ центарот на Скопје.

– Ние, како редовни гости на манастирот Хиландар на Света Гора, благодарение на нашето братско здружение „Мир, хармонија и стабилност“, ги повикуваме сите верници заедно да го прославиме овој голем, православен чин и да се молиме за здравје, љубов, среќа, мир, слога и единство, се вели во најавата за настанот.

В сабота во 9:00 часот, ќе се одржи света литургија на Архиепископијата, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан.

Претходна вестМуртезани назначен за главен преговарач со Европската Унија
Следна вестПешак смртно прегазен во Тетово