Доколку ситуацијата со ковид-19 продолжи со моменталните трендови, земјава би можела да прогласи крај на епидемијата во август или во почетокот на септември. Меѓутоа, дали тоа ќе се случи не може да се превиди, поради делта-сојот што се појави во Индија, кој е многу позаразен, велат македонските здравствени власти.
За оваа варијанта на корона вирусот потребен е поголем процент вакцинирани граѓани за да може да се каже дека е постигнат колективен имунитет.
Делта-сојот го има во повеќе од 90 земји и според епидемиологот, веројатно не може да се избегне.
-Би требало да учиме на туѓите и сопствените искуства и да се постапиме проактивно во однос на заканите. Тоа значи дека од една страна треба да работиме на ниво на заштита на јавно здравје и на индивидуално здравје. Јавното здравје го штитиме со вакцинација, нема друго освен што помасовно населението да се опфати со вакцина. Со две дози на вакцина! Гледаме што се случува во Израел, тие беа шампиони во вакцинација и сега се соочуваат со пораст затоа што од 9,3 милиони население испадна дека со две дози имаат вакцинирано 55 отсто, вели епидемиологот Драган Даниловски кој денеска со министерот за здравство, Венко Филипче, националната координаторка за имунизација, Александра Грозданова и директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика Александар Петличковски бе ана онлајн дебата за вакцинацијата.
Грозданова смета дека за да се достигнат 80 проценти, сега многу посериозно се размислува да се вакцинираат адолесценти односно лица над 16 години.
Петличковски пак, вели дека доколку има доволно вакцини, тогаш треба да се имунизираат и децата.
-Генерално мислам дека вакцинирањето на децата е исправно бидејќи остава еден празен простор во кој вирусот може да се рашири и евентуално пак да биде закана и за вакцинираното население,рече тој.
Докторот Петличковски нагласува дека не видел сериозни студии кои ќе кажат колку од прележаните и вакцинираните се заразиле, но за очекување е тоа да биде мал процент.
За да се прогласи крај на една епидемија, треба да има два репродуктивни циклуси од по 14 дена во кои нема регистрирано нови случаи. Маските на затворено пак, ќе останат до оној момент кога 28 дена по ред ќе нема ниту еден случај, што би можело да се случи во август.
Заклучно со викендов, во земјава се вакцинирани околу 300.000 граѓани, од кои околу 215.000 се ревакцинирани. Вакцини чекаат околу 140.000 пријавени, а по пристигнувањето на вакцините од „Фајзер“ и „Синовак“, дневно термини ќе добиваат 10-15.000 граѓани. Очекувањата се кон средината на јули да се достигне бројка од половина милион вакцинирани. Но, засега сме далеку од 80 проценти вакцинирано население.