Вандалите засилено кршат и палат контејнери, клупи…, но не засилува одбраната на заедничкиот имот  

Градската опрема често се уништува од несовесни граѓани, а полицаец нема ни за лек, вели скопјанката Светлана Стојановска

Скопје е со прилично растурена градска опрема. Вина за тоа сносат локалните власти. Но, има и многу скопјани кои не се „цветки за мирисање“ – го уништуваат она што е направено

Сите сакаме македонската метропола да биде убава. Но, Скопје е со прилично растурена градска опрема. Вина за тоа сносат локалните власти. Но, има и многу скопјани кои не се „цветки за мирисање“ – го уништуваат она што е направено. Еве, неодамна, градот остана без три нови контејнери. Некој ги запали и тие целосно изгореа на подрачјето на Бит-пазар. Вакви примери има колку сакаш, едно време се палеа контејнери скоро секојдневно.

Се палат и видиковци. Освен пироманите активни се и рушителите: се кршат клупи за седење, се уништуваат детски игралишта, корпи за отпадоци, улични светилки, сообраќајни знаци, информативни табли, фонтани, јавни чешми…  А се тоа заедничко и што им служи на сите граѓани. Ама на насилниците им служи за да си лечат фрустрации. Зошто тоа не се спречува? Јавноста ретко дознава кој е сторител и дали некогаш некој е казнет за ваков вандализам.

Очигледно, на градската опрема и треба поголема и поинкава заштита. Вака каква што е таа сега, не е можно да се сочува. А тоа значи дека парите собрани од граѓаните и со кои општините и Градот Скопје ја купуваат за да им служи на сите граѓани само залудно се фрлаат. Нешто треба да се смени, како во односот на одржувањето така и во однос на чувањето од вандалите. Во спротивно, градот секој месец ќе дава пари (кои се почесто ги нема) за едни исти работи, наместо да се доправаат нови потреби на градот.

Уништувања на секој чекор, нема казнети

И граѓаните реагираат на она што се случува по градот и што секојдневно го гледаат на улиците, тротоарите, парковите, дворовите на зградите…

-Во мојот реон кој е релативно уреден, забележувам и дека често се уништува градската опрема. Имам можност да набљудувам во ноќни часови, не се реагира на вандализмот на урбаната опрема. Полицаец нема ни за лек, ни вели скопјанката Светлана Стојановска.

Градското претпријатие „Комунална хигиена“ деновиве соопшти дека само од почетокот на годината на подрачјето на градот се запалени девет нови контејнери. Во изминативе години, просекот беше и по стотина скапо платени контејнери годишно. Меѓу детските игралишта скоро и да нема едно каде сите реквизити се целосни. На секои пет-шест клупи му доаѓа по една искршена. Таква клупа, извадена од лежиштето и превртена со месеци стои на центрланиот скопски плоштад. Никој да ја крене и повторно зацврсти за да пак им служи на граѓаните за одмор. Се повеќе ги сменува и се демолираат разните корпи за отпадоци. По кејот на Вардар речиси секоја втора-трета улична светилка е со искршени стакла. Вандали се изживуваат и врз сообраќајните знаци. Особено загрижи што намерно се запалени и целосно изгорени веќе неколку видиковци на Водно и во парк – шумата во Гази Баба…

-Често се уништува бидејќи за жал, прво не постои свест за наше, за заедничко, а второ, политичките партии ги користат овие активности за да предизвикаат одредени реакции во јавноста. Не можат секогаш да се откријат бидејќи се уништува урбана опрема доцна во ноќта или во рамки на помала група која внимава да нема сведоци, ни кажува Марија Ристовска.

Од друга страна, пак, апсурдно звучи податок дека и покрај фактот дека секоја година на подрачјето на градот има стотици примери на вакви уништувања и кражби, досега јавноста не слушна дека некој е казнет од страна на полицијата или на комуналните редари!? Тоа доволно зборува дека нешто не е во ред со чувањето на урбаната опрема којашто е најчесто поставена на многу фреквентни градски места.

-Не можат да се откријат вандалите затоа што со години полицијата не шета меѓу граѓаните. Ги гледаме исклучиво како вртат со возила, а проблемите се случуваат надвор од возилата. Кога би имало позорникари кои шетаат не само што често ќе ги фаќаат таквите граѓани туку голем дел од нив не би се осудиле да направат такво нешто, смета граѓанинот Ненад Горневски.

Штетата да ја платат сторителите

И покрај тоа што ваква состојба со нефаќањето на вандалите се случува со години, до сега ништо не е направено за да се нешто промени. Општина Центар пред повеќе години тргна во проект за поставување на чуварски куќички и служби за да се спречат зачестените кражби на зеленило и оштетување на урбана опрема. Но, по кусо време и тој проект замре и се напушти, а повеќе куќарки, платени со парите од граѓаните, сега се напуштени и оштетени.

Освен заштите и казни, треба да има и повеќе едукација за придобивките од заедничкиот имот.

 – Борбата против вандализмот почнува со едукацијата на населението од мали нозе, а и потоа. Но, денес секој себично си ја гледа само својата работа. Би рекол и во страв да не настрада поради тоа што не знае на кого ќе налета на улица. Токму таа себичност и страв од чувањето на општиот добробит не донесе до ова ниво. Зарем општинските работници треба да бидат единствените кои ќе ги чувата инвестициите направени со народни пари? Тие клупи и детски реквизити се на сите нас. Кога таа идеја ќе се всади во главите на народот нема да треба платена човечка сила, камери или казни од полиција, ни вели Јане Даневски.

Друга граѓани, пак, сметаат дека вандалите треба да се натераат сами да си ја плаќаат направената штета.

-Само со чувар кој ќе биде во цивилна облека, со дежурни екипи, или камери ќе се откријат вандалите. И тогаш штетата да си ја платат од свој џеп, па ќе видиме дали уште еднаш ќе им текни за такви глупости, ни вели граѓанката Зорица Поп-Ѓорчева.

Марија Ристовска, пак, повикува на кампањи и на поставување на камери.

-Треба граѓаните масовно да се едуцираат, а особено оние помладите. Треба да се размисли да се инсталираат и камери на одредени прометни локации, особено ако некаде се повторува варварското однесување, потенцира таа.

Ќе се сменат ли работите на подобро?

 Поправките на уништеното доцнат

Уништувањето на клупите, корпите, јавните чешми… е проследено со уште една аномалија. Доцна се поправаат од страна на надлежните.

– Поправките и одржувањето на истите зависат од локалните власти. Во мојата општина предходната локална власт кулминираше во својата пасивност и неуспешност, вели Светлана Стојановска.

 

Претходна вестПроменливо облачно и студено време со северен ветер
Следна вестЖивотот во помалите места е болна тема со која никој не се занимава