Вандализам: Искорната и украдена бистата на Славко Јаневски во Струга, обид за кражба на бистите и на Шопов и Есенин

Исчезната е бистата на македонскиот поет Славко Јаневски од постаментот во склоп на алејата на поетите на кејот на истекот на Црн Дрим, соопшти Националната установа – Манифестација (НУМ) „Струшки вечери на поезијата“.

При вообичаена проверка, на 19.04.2023 година (среда) беше утврдено дека бистата на поетот Славко Јаневски е откорната од постаментот, додека бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин беа видливо расклатени во очигледен обид да се откорнат од постаментите.

Исчезнувањето, односно кражбата е пријавена во полициската станица во Струга од страна на директорот на СВП, Тодорче Тасевски.

-Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови, се наведува во соопштението испратено од Националната установа – Манифестација (НУМ) „Струшки вечери на поезијата“.

Сличен вандалски чин се случи на 1 октомври 2021 година кога бистата на познатиот македонски поет Анте Поповски беше откроната од постаментот и беше фрлена во крајбрежјето. Истата беше санирана, дополнително зацврстена и вратена на постаментот.

Ваквите вандалски чинови ќе треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и МВР преку засилени мерки на обезбедување на оваа вообичаено фреквентна локација како и со организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата. Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата, велат тие.

 

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: СДС во работната група за уставни измени како да пресликале своја општинска организација
Следна вестМистериозен блесок се појави на небото над Киев