Вања била убиена клечејќи на колена, ДНК-траги од Велибор Манев најдени на лепливата лента што ѝ била на устата

Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска претрпела тешко физичко страдање пред да биде убиена, исто како и 74-годишниот Панче Жежовски, покажала обдукцијата. Според доказите што во кривичниот суд денеска ги изведе Обвинителството, Ѓорчевска била жива, а во неа е пукано додека клечела, од половина метар одзади. Пред да ја ликвидираат, таа била принудена да се движи по кал, што се докажува од калта што ја имала под ноктите и под патиките.

Обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска рече дека еден проектил бил пронајден во телото на Вања Ѓорчевска, кој бил од боева муниција со 9 милиметри, производство од 2002 година.

Обдукцијата, како што наведе Обвинителството, покажала дека брисот земен од лепливата лента од устата на убиената Вања Ѓорчевска, содржел траги од ДНК од две лица – нејзината ДНК и ДНК на Велибор Манев, еден од обвинетите за убиствата.

За убиствата и грабнувањата се обвинети Љупчо Палевски, Велибор Манев, Влатко Кешишев и Боре Видевски. Кешишев како што беше откриено во досегашниот тек на судењето, бил тој што ги однел истражните органи до телото на Вања.

И обдукцијата за Панче Жежовски покажала дека нему му било пукано во главата.

Во досегашниот тек на судењето искази дадоа 26 сведоци, а допрва ќе бидат презентирани 197 докази, коишто вклучуваат и повеќе од 10 илјади принт-скринови од комуникација со мобилни телефони.

Претходна вестСкопје утрово најзагаден град во Европа
Следна вестМВР: Од 1 јануари задолжително регистарски таблички да бидат со ознака НМК