Кандидатот за претседател од „Левица“, Билјана Ванковска, на вчерашните средби во Гевгелија и Богданци уште еднаш го повтори цврстиот став искажан за укинување на трите штетни договори кои ја влечат нашата татковина надоле, а тоа се Охридскиот, Преспанскиот и Бугарскиот договор, соопштија од оваа партија.
Според Ванковска, членувањето во некои идни сојузи не смее да биде заради интерес на некои други држави и геостратегии, туку истиот да биде само заради интереси на Република Македонија и на нашиот македонски народ.
Со жителите на Богданци разговарала и за земјоделството и заштитата на животната средина. Ванковска истакнала дека земјоделството е една од најзначајните гранки за жителите од овој крај и токму заради тоа не смее да се дозволи да се уништуваат земјоделските површини за сметка на отварање рудници или поставување сончеви панели на обработливи површини.
Сашко Јанчев, носител на листата на Левица во четвртата изборна единица, потсети дека овие избори се судбоносни за нашиот народ и држава, дали ќе не биде или не. Според него, не смее 33 години да се гласа за истите партии, а истовремено да се очекува напредок.