Пак датумот е маката. Оној де, ветениот датум од ЕУ – за Македонија, кога ќе стигне?
Е, ова прашање многу фрустрации и нервози буди кај граѓаните на нашата држава. Дури и бриселските евро-функционери велат дека би биле среќни да се реши проблемот, дека многу не сакаат во нивното друштво, дека споделуваме многу вредности, па се до тоа дека блокадата од Софија тешко им пада.
Најчуствителен во последно време е токму еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји кој веќе се поотворено кажува колку му влијае проблемот што го наметна официјална Софија. Така, на пример, кон крајот на април, при посетата на Софија тој кажа дека е многу разочаран заради тоа што Македонија и Албанија не може да ги започнат преговорите.
-Разочарувачки е што и по неколку години се уште дискутираме за почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Сите земји членки мора да веруваат во моќта на процесот на проширување, рече тогаш Вархеји на панел-дискусијата ЕУ – Западен Балкан.
Разочарувањето, се чини, не му поминало туку станало уште поголем проблем – станало и фрустрација. Еврокомесарот тоа вчера и го кажа пак при посетата на Софија.
–Сè уште нема решение и тоа многу нè фрустрира. Не можеме да продолжиме напред со процесот на приклучување на Северна Македонија кон ЕУ без сите држави членки да го одобрат тоа. Сè уште очекувам поддршка од една држава, конкретно Бугарија, и работиме на тоа со сите овие разговори кои што ги имав тука, како и во Скопје. Би сакале да видиме договорот да се постигне во јуни, изјави Вархеји.
Ќе му помине ли набрзо фрустрацијата на еврокомесарот?
Инаку, знае ли тој, а и неговите колеги во Брисел колкави се фрустрациите и нервозата кај македонските граѓани? За разлика од Вархеји ние имаме многу поголем стаж во чекањето некој да ги дигне препреките и да се добие датум за преговори со ЕУ – цели 18 години!? Фрустрацијата е поголема кога ветувањето за датум не се исполнува иако Македонија на нивно барање и притисок се откажа од многу атрибути на својата државност. Македонските генерации изгубија децении од својот живот ставени во чекална која во последно време изгледа дека не е ниту чекална. А сосема друго и беше ветувано.
Таа тежина, таа неправда е повод за голема фрустрација. Таа не поминува со седнување во авион и со одење дома или во удобна бриселска канцеларија. За таа фрустрација лекот е само Брисел да ги почитува демократските принципи, правата за самоопределување…
Вархеји е на потег. И за неговата и за македонската фрустрација.