Односите помеѓу САД и Кина се затегнати веќе подолг период. Сепак, Белата куќа продолжува со плановите за средба меѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот претседател Си Џинпинг. За можната средба објави весникот „Вашингтон пост“, додавајќи дека тоа би се случило во Сан Франциско следниот месец, додека двете земји се обидуваат да ги стабилизираат своите односи.
Односите меѓу двете најсилни светски економии станаа затегнати во последниве години поради голем број прашања, вклучително и Тајван, изворот на пандемијата „Ковид-19“, човековите права и трговските тарифи.
„Вашингтон пост“ се повика на изјави на неименувани американски функционери, од кои еден рече дека можноста за средба е „прилично силна“.
-Го започнуваме процесот на планирање, истакнал функционерот.
Неодамна Блинкен се сретна и со кинескиот потпретседател Хан Женг во Њујорк, а американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан се сретна со кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји во Малта.
Кинеската амбасада во Вашингтон не одговори веднаш на барањето за коментар за извештајот на Вашингтон пост. Ниту Белата куќа немаше коментар.
Бајден и Си последен пат се сретнаа на маргините на самитот на Г-20 во Индонезија во ноември 2022 година, нивна прва средба откако Бајден ја презеде функцијата претседател. Пред тоа тие разговарале пет пати по телефон или преку видео конференција.
Кинеската агенција за безбедност минатиот месец навести дека каква било средба меѓу Си и Бајден ќе зависи од тоа дали САД „ќе покаже доволно искреност“.
Во ноември, Сан Франциско ќе биде домаќин на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка, на кој може да присуствува и Си. Тој неодамна не отиде на самитот на Г-20 во Њу Делхи каде беше присутен Бајден.