Со давање искази на тројца вештаци од Институтот за судска медицина денеска пред Основниот суд во Струга продолжи судскиот процес по предметот на родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, на која при породувањето со царски рез во Струшката болница и беа отстранети три органи.
Оштетената Веапоска, која при оперативниот зафат остана без матка, јајник и бубрег, по денешното рочиште рече дека исказите на вештаците за неа биле дополнителен стрес, нивните изјави ја навратиле на она што и се случувало за време на нејзиното породување. Лично смета дека вештачењето било ограничено само на делови од медицинскиот зафат и се однесувало само на извадениот бубрег, а не и за останатите органи што и биле отстранети при хирурушкиот зафат.
-Не сум задоволна од текот на постапката зашто ме загрижува тоа што никој не праша зошто се извадени матката и јајникот. Значи, се однесуваа како уште да ги имам тие органи иако ги немам. Само за бубрегот се зборуваше и ништо друго. Зошто ми е извадена матката, зошто јајникот и зошто јас повеќе нема да можам да станам мајка, нема да можам да имам други деца, изјави таа по денешното рочиште.
Таа додаде дека сметам дека за се она што и се случило одговорен е целиот медицински персонал на струшката болница, од приемот па до излегувањето од болницата.
Адвокатот на оштетената, Сашо Јанев смета дека начинот на кој е дадено стручното мислење на лекарите од Судска медицина, укажува на предвидлив исход од судскиот процес, одбивајќи притоа да посочи што тоа значи.
– Во вештачењето стои дека товарот на несовесното лекување паѓа на сите учесници во оперативниот зафат. Јас како полномошник сум пристрасен кога се однесува до мојата клиентка, меѓутоа ако се ставите себеси во нејзината позиција, да влезете здрав и да излезете од болница брз три органи, апсолутно треба да одговараат сите…Секој кој несовесно лекувал и се огрешил пред Законот треба да одговара, рече Јанев.
Следно рочиште од процесот што се води против тројцата лекари – гинекологот Мухамед Асани, неговиот син доктор Блертон Асани и доктор Лилјана Јованоска е закажано за 10 јули.