Велигден пречекан со пораки да се обединиме како народ и трајно да ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби

Зборовите и поздравувањата со „Христос воскресе – ваистина воскресе“ од ноќеска на полноќ одекнуваа по храмовите на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија исполнети со бројни верници. Граѓаните се поздравуваа, си ги кршеа велигденските јајца, учествуваа во опходите на храмовите, присуствуваа на богослужбите, држеа запалени свеќи, упатуваа молитви за здравје и благосостојба со кои традиционално се одбележува еден од двата најголеми христијански празници – Воскресението Христово – Велигден. Чинот на воскреснувањето на Исус Христос, третиот ден откако бил распнат на крстот, во христијанската религија се смета како непосреден доказ за вистинитоста на оваа религија. Ова е веќе втора година по ред откако на 9 мај 2022 година МПЦ-ОА беше признаена како канонска црква од страна на Вселенската патријаршија и како автокефална од страна на СПЦ и влезе во единство со единството со сите останати Православни Цркви по 55 годишниот раскол.

По традиција, најмногу верници се собраа пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје каде со службата началствуваше архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. По храмовите се читаше и неговото послание упатено до народот и свештенството.

-Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско, порача во Велигденското послание поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во име на Светот Синод тој во пораката до свештенството и до верниците тој потенцира дека некои се уште се обидуваата да ни го одрекуваат историјата и традицијата.

-Доколку се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план. Впрочем, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сѐ уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата. Та, кој ќе се осмели да нѐ оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сѐ уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на Православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско, нагласи тој во Посланието.

Тој повика и на зацврстување на единството.

-Што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска Црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со коишто катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања, нагласи тој.

Овој празник ја симболизира победата на животот над смртта. Во преданието е наведено дека Господ Исус Христос пострадал откако бил распнат на крст. Неговото тело потоа било положено во еден гроб кој бил затворен со карпа. За воскресението се дознава во мугрите во неделата, кога жените кои дошле да го помазаат телото со миризливи масла. Но тие нашле само празен гроб, а ангелот им ја кажал вистината: „Зошто го барате живиот меѓу мртвите? Он не е овде а воскресна; сетете се како ви рече кога беше уште во Галилеја, говорејќи дека Синот Човечки треба да биде предаден на луѓе грешници и да биде распнат, и на третиот ден да воскресне… Истата вечер Исус им се јавил на своите ученици и потоа во наредниве 40 дена кога се вознесол на небото.

Подоцна апостол Павле ќе зборува: „Ако Христос не воскреснеше, ќе беше залудна вашата вера, ќе беа залудни вашите надежи, зашто ќе верувавте и ќе се надевавте напразно“.

Верниците во разни краишта на Македонија на посебен начин го чествуваат денешниот голем празник. Подготвување на посебна велогденска трпеза е насекаде значаен чин кога на иста маса го собира целото семејство. И тогаш се кршат и прво се јадат велигденски јајца кои се најчесто со црвена боја, па потоа другото јадење кое е најчесто јагнешко месо. Гостите кои ќе дојдат во домот на Велигден се даруваат со јајца. Исто така, јајца се даруваат и кога се оди на гости.

Велигден е центар на повеќе празници познати како празници со непостојан датум или како циклус велигденски празници. Нивните датуми коишто се менуваат секоја година се зависни од Велигден и се определуваат откако ќе биде одреден неговиот датум. Според правилата, Велигден е секогаш по пролетната рамнодневница во првата недела по полната месечина. Секогаш е во недела, но не смее да се совпадне со денот кога Евреите го празнуваат Пасха, ниту да биде пред него.

Претходна вестЦУК: Пронајдено повозрасно лице изгубено на Плачковица
Следна вестКастрењето на државниот апарат да почне по изборите со намален број на министерства