Велигденско послание на архиепископот Стефан: Наша должност е да се спротивставиме на оние коишто се трудат да ни го одземат сѐ што е наше – македонско

Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско, порача во Велигденското послание поглаварот на МПЦ-ОА архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Во име на Светот Синод тој во пораката до свештенството и до верниците тој потенцира дека некои с еуште се обидувата да ни го одрекуваат историјата и традицијата.

-Доколку се обѕрнеме во нашето историско раздобје, ќе воочиме огромни подеми и падови, како на црковен, така и на национален план. Впрочем, македонскиот народ, со Божја помош и поткрепа, успевал и сѐ уште успева достоинствено да ги извојува сите битки и да им одолее на сите непријателски настроенија, исполнети со лукави намери и со зли цели; и, притоа, со крената глава да продолжи по патот кон Бога – кон Изворот на добрините и на правдата. Та, кој ќе се осмели да нѐ оспори како македонски народ и како македонска држава!? Со кое право некои сѐ уште се обидуваат да ни ги одрекуваат историјата и традицијата, јазикот и верата, кога сета македонска почва е напоена со просветителските дејанија на македонските црковно-просветни дејци, со истрајноста на сите наши родобранители, со крвта на недобројните наши маченици и со благоверието на мноштвото исповедници и поборници за зачувување на Православието на ова свето македонско тло!? Но, како што не потклекнаа нашите прадедовци, така и ние – како нивни потомци и како доследни пазители на аманетот доверен од нив – да не дозволиме отстапки пред оние коишто постојано посегнуваат по нашето најсвето; пред оние коишто гледаат да го зграбат она коешто со векови макотрпно е градено и коешто е сочувано до денешни дни. Наша должност и обврска треба да ни биде да им се спротивставуваме на сите оние коишто на секаков начин се трудат да ни го одземат она за коешто се дадени многу жртви и коишто се желни да ни ги приграбат: и историјата, и земјата, и културата, и јазикот и сѐ што е наше – македонско, нагласи тој во Посланието.

Тој повика и на зацврстување на единството.

-Што е можно побргу, да се освестиме и да се обединиме како народ, и молитвено да притекнеме кон Бога и кон закрилникот на нашата најсвета автокефална Охридска и Македонска Црква – кон светиот Климент Охридски, та, по примерот на нашите предци, да се избориме со сите неприлики со коишто катадневно се соочуваме. Но, сето ова ќе го постигнеме само ако си ги зацврстиме единството, слогата и сплотеноста, односно само ако трајно ги надминеме внатрешните разногласија и меѓусебните поделби и несогласувања, нагласи тој.

Во Посланието тој додава дека Христовото воскресение е смислата на нашето севкупно постоење! Тоа е стожерот околу којшто се одвива сиот наш живот и камен-темелникот врз којшто се гради сиот наш подвиг на верата, на надежта и на љубовта во Бога.

-Тајната на Христовото воскресение го преобразува и го вообличува севкупниот наш поглед кон светот и човекот, кон времето и вечноста. Зашто, токму ова спасоносно собитие е најголемата вистина којашто му беше објавена на човековиот род и токму оваа Тајна над тајните е најрадосното благовестие со коешто велегласно беше возвестена конечната победа на животот над смртта, на доброто над злото и на љубовта над омразата.

Господ Исус Христос, со Своето воскресение од мртвите, ни го осмисли нашиот живот, и не само овој – земниот, туку и небесниот, односно ни го дари вечниот живот во Неговото Царство. Доколку сакаме да бидеме доследни подражатели на Христа и да врвиме по Неговите стапки, тогаш ќе мора да си ги земеме врз себе нашите животни крстови и, минувајќи низ сопствените голготи, истите да ги поднесеме докрај, и тоа со радост. Само на тој начин, во нашите души – и покрај сите животни премрежја, искушенија и предизвици – ќе ја почувствуваме бескрајната радост од Неговото воскресение и ќе заживееме со несфатливата и непреодна радост на вечниот живот. Тајната на Христовото воскресение најмногу се открива во дарот на простувањето. Та, можно ли е вистински да го празнуваме Велигден – Празникот над празниците – ако не простуваме и ако не бараме да ни простат!? Можно ли е да водиме христијански живот и да се нарекуваме христијани ако во нашите срца се вгнездени злопамтивоста и одмаздољубивоста или, пак, ако во нашите души се всадени гневот и лутината!? Тоа е – невозможно! Да се живее вистински христијански живот – живот според Евангелието – значи да се постане обновен човек во Христа и да се чекори по патот на богољубието и човекољубието – по патот којшто води кон Царството небесно, нагласи тој.

 

Претходна вестУставен суд ќе одржи седница, на дневен ред седум иницијативи
Следна вест Автобусите на ЈСП „Скопје“ за велигденските празници ќе возат по неделен возен ред