Велика Британија прогласи период на национална жалост за кралицата Елизабета Втора

 

Британската Влада денеска официјално прогласи почеток на периодот на национална жалост за кралицата Елизабета Втора со „насоки за национална жалост“. Во документот со упатства за веење знамиња, информации за патување и други деловни и јавни услуги, се наведува дека жалоста ќе трае до крајот на денот на државниот погреб.

Владата соопшти дека нема обврска за откажување или одложување спортски и други настани и затворање на места за забава во тој период, додавајќи дека тоа е дискреционо право на поединечни организации.

Бакингемската палата претходно соопшти дека периодот на жалост на британското кралско семејство за кралицата Елизабета Втора ќе трае од сега до седмиот ден по погребот. Датумот на погребот на кралицата сè уште не е потврден.

-По смртта на Нејзиното Височество Кралицата, желбата на неговото височество кралот е од сега до седум дена по погребот на кралицата да се почитува период на кралска жалост, се вели во соопштението.

Одделно од националната жалост, кралската жалост треба да ја почитуваат „членовите на кралското семејство, персоналот на кралското домаќинство и пр етставниците на кралското домаќинство на службени должности, заедно со трупите посветени на церемонијалните должности“. Знамињата на кралските резиденции од вчера се на половина копје, и ќе останат на половина копје до 8 часот наутро на последниот ден од кралската жалост.

Од друга страна, на британската јавноста вечерва треба да и се обрати новиот крал Чарлс Трети којшто го наследи тронот од неговата мајка. Чарлс, кој има 73 години и е најстариот монарх кој се качил на тронот, треба да одржи телевизиско обраќање до нацијата по повод смртта на кралицата, што е негово прво обраќање.

Кралот, исто така, ќе ја одржи својата прва аудиенција со премиерката Лиз Трас во Бакингемската палата. Елизабет ја назначи Трас на нејзината нова позиција како премиер во вторникот, само два дена пред да почине.

Парламентот денес ја одржува специјалната пладневна седница за да и оддаде почит на кралицата. Трас и други министри, исто така, ќе присуствуваат на комеморацијата за кралицата во катедралата Свети Павле.

Погребот на Елизабета ќе се одржи во наредните денови во Вестминстерската опатија во Лондон и тој ден ќе биде назначен како Национален ден на жалост и државен празник.

Претходна вестГрадот Скопје ќе ја реализира јавната набавка од околу 92.000 евра само доколку има потреба
Следна вестБрат за 3000 евра договорил присилен брак за малолетната сестра