Великанот Конески одамна кажуваше: Македонскиот јазик е единствена наша татковина; Името ни е големо, ќе сакаат да ни го одземат… 

Великани се оние луѓе кои со своето животно дело го задолжиле својот народ, општеството, светот. Македонија имаше повече такви великани. Еден од најистакнатите е Блаже Конески чие дело е големо.

Со сето она што го направи Конески стана најграндиозната фигура во времето на слободниот живот кој следеше по ослободувањето на Македонија по Втората светска војна со поставувањето на темелите на македонскиот јазик и на државност вооопшто.

-Послушајте Македонци! Јазикот е единствената наша татковина. Сѐ додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште…, Големо ни е името, ќе сакаат да ни го одземат…, беа само едно од најважните пораки кои Конески пророчки ги остави на македонскиот народ.

А животното дело на овој голем Македонец кој е роден на 19 декември 1921 година, а починат пред 30 години на денешен 7 декември 1993 година, е исполнето токму со македонскиот јазик и со она што се може да се создаде со него. Втемелувач и еден од кодификаторите на современиот Македонскиот литературен јазик, академик, поет, прозаист, есеист, литературен историчар, филолог и лингвист, преведувач, професор…, сето тоа само делумно ја доловува големината и значењето на Конески за македонската култура.

Неговиот придонес практично е немерлив – учествувал и во составувањето на првиот македонски правопис, ја напишал Граматиката на македонскиот јазик, Историјата на македонскиот јазик, а е и еден од составувачите и главен редактор на Речникот на македонскиот јазик, фундаментални дела за македонско народно постоење и идентитет.

Тој бил и основач на студиите по македонистика на Скопскиот универзитет, а од 1958 до 1963 бил ректор на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во 1967 станал член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и бил нејзиниот прв претседател (до 1975). Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар и еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија (1947) и негов прв претседател. Покрај тоа, Конески бил член на академиите на науките и уметностите во Загреб, Белград, Сараево, Чикаго и Вроцлав. Оттаму и за него во јавноста се зборувало како за „првиот човек на Македонската ренесанса“, „енциклопедија на македонската филологија“, „мудрец на македонското писмо“…

Роден во прилепското село Небрегово, во семејството од познатиот прилепски сој Љамевци, Блаже речиси целиот свој подоцнежен живот му го посветува на јазикот. Се школувал во родното село, во Прилеп, Крагуевац, а клучни беа студиите на отсекот за словенска филологија на белградскиот Филозофски факултет, а потоа и во Софија. По војната во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор и почнува да го предава предметот историја на македонскиот јазик и на кој целосно му се посветува.

Низ годините настануваат и неговите големи дела како поетски збирки „Мостот“, со мотив од изградбата на земјата; „Земјата и љубовта“ – песни со патриотски и борбени чувства,  а потоа и грандиозните „Везилка“, циклусот „Стерна“, збирката раскази „Лозје“. Ги напишал и збирките песни: „Записи“, „Стари и нови песни“, „Чешмите“, „Послание“, „Цркви“, „Златоврв“, „Сеизмограф“, „Небесна река“ и „Црн овен“… Тоа се песни со родољубиви мотиви, блиски до народот од кои се гледа дека татковината живее во него и во секој наш човек, тој ја гледа, ја разбира и ја прифаќа, ја оживува нејзината историја, традиција, бит и ги поттикнува родољубивите чувства.

-О тешкото! Сега по нашите села во слобода првпат штом ќе оро сретнам,

зар чудно е – солза да потече врела,

зар чудно е – жалба јас в срце да сетам?!

Од вековно ропство, мој народе, идеш но носиш ти в срце дар златен и пој, пишуваше тој во една од своите најпознати песни „Тешкото“.

 

Претходна вестЗапленети непријавени 50.600 евра на Аеродром Скопје
Следна вестВо Москва убиен поранешен украински пратеник жесток критичар на Зеленски