Обвинување за организирање на хакерски напад на ЦНЕ, државната изборна комисија на Венецуела кој бил организиран од Македонија упати вчера јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб. Тој за организирање на овој напад ги обвини опозициските лидери Лестер Толедо, Леополдо Лопез и Марија Корина Мачадо.
На конференција за медиумите јавниот обвинител на режимот во Венецуела изјави дека хакерскиот напад потекнува од Северна Македонија.
-Нападот имал намера да манипулира со податоците за гласовите. За среќа, оваа акција беше спречена, но успеа да го одложи читањето на резултатите. Целта беше да се измешаат вистинските извештаи. Го лоциравме и идентификувавме главниот водач – Лестер Толедо, изјави јавниот обивнител.
Јавниот обвинител на Венецуела, Тарек Вилијам Сааб, најави кривична истрага и против лидерката на опозицијата Марија Корина Мачадо, обвинувајќи ја дека со уште две лица координирала компјутерски напад врз ЦНЕ (Национален изборен совет) од Македонија за време на претседателските избори во земјата.
-Резултатите од одделни изборни единици наскоро ќе бидат објавени на интернет страницата на Изборната комисија, се вели од Обвинителството.
По гласањето во неделата, Изборната комисија прогласи победа на авторитарниот претседател Николас Мадуро со 51,2 отсто од гласовите. Опозицискиот кандидат Едмундо Гонзалес, според Изборната комисија, добил 44,2 проценти од гласовите. Опозицијата не ги признава резултатите и ја обвинува власта за изборна измама. Сомневања во официјалните резултати изразија и САД и низа латиноамерикански држави. Во истражувањата на јавното мислење пред изборите се исцртуваше јасна победа на опозицијата.