Весна Дамева се враќа на чело на Судскиот совет, поништена одлука за нејзино разрешување

Поништена е одлука за разрешување на тогашната претседателка на Судскиот совет Весна Дамева од стана на Управниот суд по што таа се враќа на чело на ова судско тело. На пресудата никој нема право на жалба и таа е конечна, а со што се отвора патот актуелниот претседател да се повлече од претседателското место веќе на наредната седница. Откако ќе се врати на функцијата Дамева ќе има мандат до 2025 година. Одлуката ја донеле судијките во Управниот суд – Ељмедине Асани, Виолета Богојеска и Имсале Хасани.

Министерот за правда, Кренар Лога денеска ја поздрави одлуката на Управниот суд со која се поништува одлуката за разрешување на Весна Дамева.

-Со ова се потврдуваат сите наводи на министерот, кои во изминатиот период ги имаше за работењето и постапувањето на Судскиот совет, со што се докажува дека на оваа институција ѝ се неопходни реформи. Одлуката на Управниот суд влева надеж за враќање на довербата во институциите и почитување на принципот на владеење на правото, се вели во соопштението на Министерството за правда.

Дамева беше разрешена во април годинава со седум гласови по иницијатива на тогашниот нејзин заменик, Селим Адеми, наводно за нарушени меѓучовечки односи. Седницата наменета за нејзино разрешување започна во тензична атмосфера со обвинувања од дел од членовите дека Дамева го криела писмото на американската амбасадорка Анџела Агелер. По неколкучасовна тензична атмосфера, во присуство на Дамева претседавањето со седницата го презеде нејзиниот заменик Селим Адеми кој побара да се гласа за нејзино разрешување. „За“ гласаа седум члена, по што тој констатира дека претседателката е разрешена и за утредента закажа нова седница за избор на нов претседател.

Дамева, пак, тогаш рече дека ова е противзаконски и додаде некои лица од политиката ќе бидат задоволни.

-Одлука донесена на ваков начин во присуство на претседател на Судски совет со гласање од седум гласа каде што нема ниту предвидено основа за разрешување на претседател, а особено нема и број на гласови со кои се носи одлуката, заменик-претседател си зема за право да констатира престанок на функцијата претседател на Судски совет со што го одзема мандатот. Јас навистина не знам ова како ќе заврши освен што одредени лица од политиката ќе бидат и тоа како задоволни ако во успеат ова. Јас не се откажувам, битката продолжува и многу работи може да бидат уште полоши, рече тогаш Дамева.

Според Дамева, причина за нејзиното разрешување поточно беше ставањето во процедура на седница постапката за разрешување на судијата Енвер Беџети, кој девет месеци го држел предметот „Таргет-Тврдина“ во кој обвинет беше поранешниот шеф на УБК,  Сашо Мијалков.

По разрешувањето Дамева во мај поднела тужба до Управниот суд за начинот на кој беше разрешена од функцијата, а до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје доставила и кривична пријава.

Претходна вестГоразд Михајлов е нов тренер на ФК Вардар
Следна вестТргувале со луѓе и деца, обвинителен акт и проширување на истрагата за уште шест лица во предметот „Исар“