Претседателот на бугарската фондација „Македонија“ Виктор Стојанов, кој е познат по негирањето на македонскиот народ, добил забрана за влез во Македонија на „неодредено време“. Во изјавата за бугарскиот портал Лупа.бг тој наведува дека се обидел да влезе во наша земја откако претходно му истекла 15-месечната забрана за влез во Македонија. Тој наведува дека кога истекол тој период се упатил кон Скопје, но бил вратен од границата каде што му било соопштено дека забраната била продолжена на неодредено време.
-Нема причина да не ми биде дозволен влез во земјата. Јас немам ни казна за непрописно паркирање таму, но непожелен сум. Во Македонија имам спроведено над 500 хуманитарни иницијативи, се обидов да му помогнам на Скопје побрзо да влезе во ЕУ, како и да ги зближам двата народа. Наместо благодарност, добив забрана. Ќе ја запознаам со ова Европската комисија против расизам и нетолеранција (ЕКРИ) на Советот на Европа. На тој начин нештата нема да останат незабележани, вели тој.
Тој вели дека главен виновник за влошените односи меѓу двете земји бил претседателот Стево Пендаровски, затоа што постојано уривал мостови, како и некои македонски опозициски партии.
Во мај минатата година македонските гранични органи ме му го доволја влезот на Стојанов во наша земја кога сакаше да дојде во Скопје на чествувањето на годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев. Тој не беше пропуштен ниту во јануари годинава кога сакаше да дојде со група на бугаркси граѓани за чествувањето на Мара Бунева.
Стојанов е познат по свои ставови со кои се негира постоењето на Македонија и на македонскиот народ. На Фејсбук-станицата на неговата организација „Македонија“ често се објавуваат провокативни псотови во однос кон Македонија. Еден од нив е и географска карта каде се избришани границите меѓу двете држави, а Македонија е претставена како бугарска територија.
Стојанов неодамна им се закани и на Македонците од Албанија дека ќе им бидат одземени бугарските пасоши доколку на пописот на населението во таа земја не се декларираат како Бугари. За време на престојот во Албанија тој во областа Голо Брдо и Либражд делел таблети и тетратки со ликови на бугарските владетели. Пораид ова, Македонското друштво „Илинден“ – Тирана побара од властите на Република Албанија Стојанов да го прогласат за непожелна личност.