Најголемиот скопски автобуски превозник ЈСП „Скопје“ ќе добие гориво од нафтените резерви на државата за да може да врши превоз на граѓаните. Ова произлегува од денешната одлука на Владата која на вонредна седница расправала за недостигот на енергенси за обавување на јавниот сообраќај на територијата на Град Скопје. Како што информираат оттаму, донесена е одлука со која се утврдува постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија.
Со ова, додаваат од Владата, се овозможува да му се позајмат на Градот Скопје дел од нафтените резерви на државата.
-Денес, меѓудругото, Бирото за јавни набавки донесе одлука со која се исполнети условите за спроведување на постапка со преговарање без објавување на оглас за да се скрати периодот за набавка на дериватот потребен на градот Скопје. Со ова Владата го затвора прашањето со настаната потешкотија во работењето на градското претпријатие за јавен сообраќај, информираат од владата.
Претходно од Бирото за јавни набавки информираа дека управната контрола увидела дека ЈСП – Скопје избрало неприфатлива понуда за најповолна при набавката на горивото еуродизел. Оттаму посочија дека понудата, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самиот ЈСП го навел во тендерската документација.
ЈСП во следниот период, ќе треба да направи тендер, со кој ќе обезбеди редовна набавка на гориво за своите автобуси.
Од утринава, граѓаните сами се организираа да стигнат на работа, на училиште, на лекар, па застануваа по автобуските постојки и собираа граѓани кои одеа во ист правец со нив.
Инаку, денеска, во сообраќај во главниот град пуштени се околу 30-тина автобуси на Јавното сообраќајно претпријатие од кои 25 се на природен гас и уште неколку кои имаат резерви на нафта, потврди директорот на ЈСП Скопје, Драги Кушовски.
Претседателот на Синдикатот на возачи при Сојузот на синдикати, Миќо Стојановски денеска рече дека состојбата со нафтата е проблем што трае веќе подолг период. Според Стојановски, за колапсот во ЈСП и во другите јавни претпријатија во градот придонело и несогласувањето меѓу претседавачот на Советот на Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.