Владата останува на ставот за распуштање на Судскиот совет и Совет на јавни обвинители но очекува во следниот период очекуваат да и бидат доставени предлози за реформи во судството кои потоа ќе ги разгледа, изјави вчера премиерот Христијан Мицкоски. Тој одржа четириесет минутна средба со претседателката на Судскиот совет Весна Дамева на која разговарале за планот и предлозите на Судскиот совет за подобрување на состојбата и враќање на довербата на граѓаните. Мицкоски по средбата остана на ставот дека треба распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
-Ако немате правна држава, владеење на право, ако имате високо ниво на криминал и корупција тоа е безбедносен проблем. За нас невладеење на право, криминал, перцепција за корупција и елитите се безбедносен проблем за нашата држава и ние како Влада мора да реагираме. Во овој период ќе собираме предлози и идеи и потоа ќе излеземе пред јавноста. Ние стоиме на ставот за распуштање на институциите Совет на јавни обвинители и Судски совет. Не очекуваме брзи резултати туку очекуваме напредок со кој ќе го превенираме овој безбедносен проблем, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека во следниот период очекуваат да им бидат доставени предлози за реформи во судството кои потоа ќе ги разгледа Владата. Проблемот го лоцираше во самите институции кои немаат капацитет да ги спроведуваат законите и владеењето на правото.
-Немојте да мислите дека немаме добри закони или не сме ги следеле препораките на оценските мисии. Тие кои треба да ги имплементираат законите не го прават тоа. Врховен судија и претседател на совет на обвинители се фатени во мито во рака и се спогодуваат. Судски совет, Совет на јавни обвинители и Академија за судии и обвинители. Ова се трите институции. Луѓето кои ги избираат треба да ја донесат правда. Дали тефтерчињата од минатото се заменети со тефтерчиња од сегашноста. Тоа е суштината. Дали тие луѓе кои ќе го поминат овој филтер и ќе се катапултираат во обвинителско судските кругови се лојални на правото законите и Уставот или на некој кој ги катапултира. Нема да имаме никаков напредок доколку овие институции не ги ослободиме од политички влијанија, рече Мицкоски.
Весна Дамева, кажа дека мора да има институционална соработка за подобрување на состојбата и дека судската и извршната власт не се соперници а граѓаните заслужуваат правда и правна држава.
-Судската и извршната власт сметам дека не треба да се гледаат како соперници туку како соработници. Таа меѓусебна институционална соработка е многу важна за наредните чекори и резултати, се со цел враќање на довербата кај граѓаните. Граѓаните заслужуваат неселективна правда и правна држава. Целосна имплементација на препораките од оценската мисија зависи од заложбите, Судскиот совет веќе ги имплементираше, рече Дамева.