Владата ќе го игнорира ли мнозинството граѓани кое е против спорниот договор за ХЕЦ „Чебрен“?

Јавноста со стравување чека што ќе направи Владата околу големиот хидроенергетски проект ХЕЦ „Чебрен“. Ќе го даде под концесија на странци дури 60 години или поради многуте аргументи на јавноста дека тоа не треба да се стори – ќе ја прекине постапката. 

За Здружение на инженери на Македонија дури и нема потреба да има дилема оти рокот за потпишување на договорот е завршен и постапката треба Владата да констатира дека е завршена. Сепак, јавноста исчекува како ќе постапи премиерот сосе министрите.

Се чека и на одговорот на грчкиот инвеститор дали ќе ја продолжи банкатската гаранција која истекува со крајот на овој месец, но и дали ќе бара дозвола за користење на вода од Црна Река да му се издаде пред потпишувањето на договорот. Но, не се само овие проблеми оние кои го искомплицираа изведувањето на овој голем хидроенергетски проект којшто не може да се реализира веќе со години и години.

Енергетските експерти последниве недели поставија бројни прашања и отворија многу дилеми околу оправданоста и исплатливоста на овој проект онака како што е договорен. Како што деновине објавуваше „Скопско ехо“ прашањата коишто бараат одговор се врзуваат за тоа: Зошто се прави договор кој е неповолен за Македонија? Зошто нашата држава сама не со го гради проектот? Зошто концесијата е долга 60 години кога се знае дека една хидроцентрала максимално се амортизира за половина век? Зошто е мал процентот од само 33-отсто сопственост која ќе припадне на Македонија?…

Но, не се само енергетските експерти убедени во неоправданоста на ваквиот проект вреден околу милијарда евра. Таков став и убедување се повеќе постои и во пошироката македонската јавност, меѓу обичните граѓани. Тоа го покажува и неодамнешната анкета објавена од страна на порталот МКД.мк во која граѓаните одговараа и на прашањето околу оправданоста хидроцентралата „Чебрен“ да и се даде на грчка компанија.

-Повеќе од половина од испитаниците (55,8%) сметаат дека ЕСМ не работи одговорно. На прашањето „кое е вашето мислење во однос на давање концесија за хидроцентралата Чебрен на грчка компанија?“, дури 65,7 отсто од испитаниците дадоа негативен одговор, а само 8,55 отсто позитивен, објави овој портал.

Очигледно, и граѓаните сметаат дека дилемите кои се покренати и барањата на експертите да не се потпишува ваков договор, се оправдани и дека треба да се почитуваат.

Дали резултатите оваа анкета ја виде Владата и нејзините енергетски експерти? Ваквиот недвосмислен став на граѓаните доволно кажува дека договорот не треба да се потпише туку да се бара друго решение…

Проектот „Чебрен“ чекаше толку долго време, па може да почека уште малку за да се дојде до подобро решение од кое навистина корист ќе има Македонија. 

Владата е должна да не го игнорира мислењето на граѓаните. Да, знаеме дека министрите до сега неколку пати не го уважија мислењето и ставовите на мнозинството од народот околу Преспанскиот и Договорот со Бугарија, но нели е доста со такви постапки? Па нели демократија сме, а власта цело време не уверува дека е демократска?

Претходна вестВМРО-ДПМНЕ: Од 2017 до денес цената на струјата е покачена за 50 проценти
Следна вестКонечно препораки и мерки против загадениот воздух во Скопје: На отворено да нема манифестации и да не се работи од 11 до 17 часот, на работа да не одат бремените жени, лицата постари од 60 години…