Владата најавува ново покачување на минималната плата, ќе има ли пари за…?

Секогаш е актуелна темата за платите. Овој пат ја отвори министерот за економија Крешник Бектеши. Тој денеска најави дека во март минималната плата во земјава ќе изнесува 22.500 денари. Односно, дека за 2.325 денари ќе биде поголема од „минималецот“ што сега се исплаќа во висина од 20.175 денари.

– Најниската плата во земјава од март 2024 година ќе биде 22.500 денари. Повеќе од двојно зголемување од минималната плата во 2017 година, напиша Бектеши денеска на неговиот Фејсбук профил.

Вака на прва ова убаво звучи. Но, остана нејасно врз основа на какви се пресметки дошол до оваа сума.

Познато е, во март 2022 година, по преговорите со синдикатите и работодавачите, беа донесени измени на Законот за минимална плата согласно кои се воспостави нова методологија. Според неа, висината на минималната плата се усогласува со 50 проценти од порастот на трошоците на живот и 50 проценти од порастот на просечната плата во изминатата година. А нејзиното усогласување, според договореното, се врши во март секоја година. Излегува дека министерот уште сега ги знае податоците за порастот на трошоците на животот, на порастот на просечната плата…

Дали оваа најава ќе се и спроведе останува да се види. Животниот стандард на граѓаните, посебно на оние со најниски примиња е истенчен и платите се повеќе ја губат битката со инфлацијата и зголемувањето на трошоците на животот. Оттаму, добро е да се зголемува минималната плата, но тоа треба да се прави на реални основи при што потоа треба да следи и покачување на сите останати плати, како што е предвидено со колективните договори. Односно, прво, Владата мора да обезбеди состојба во која исплатата на зголемените минимални плати ќе биде по основ на средствата коишто ги создала македонската економија со своето подобро работење, поголем извоз, поголема продуктивност… Дали такви трендови постојат, во услови кога и Народна банка за годинава предвидува економски раст од само 1,9 процент и инфлацијата од 9,5 отсто, не е тешко да се заклучи. Од каде, тогаш, ќе се најдат парите за зголемувањето на „минималецот“? Од новите задолжувања во странство од околу 500 милиони евра ли кои што ќе се случат до крајот на годинава?

Напоредно со ова, прашањето е дали ќе има доволно пари за сите подоцнежни покачувања на платите на вработените во повеќе дејности, а што треба да следи по зголемувањето на минималната плата. Искуството од минатата година, кога во март беше зголемен „минималецот“ и што предизвика серија штрајкови и најави за нив од синдикатите коишто бараа она што законски им припаѓа е доволно поучно.

Владата уште сега треба да мисли на законската обврска дека по порастот на минималната плата треба во рок од шест месеци да се усогласат сите колективни договори, односно, треба да се покачат платите и на тие вработени. Или, за тоа ќе му мислат тогаш или пак некој друг оти нели ќе има парламентарни избори…

Претходна вестЗабрана за влез на муслимани, крај на војната во Украина и целосно уништување на „Длабоката држава“, ова се дел од ветувањата на Трамп
Следна вестМаж од тетовско село ја тепал сопругата, кај него најдено и оружје