Владата со реакција на изјавите на Радев и Борисов: Се договоривме да не провоцираме

Владата попладнево преку соопштение реагираше на изјавите од Софија кои ги нарекува провокации и говор на омраза. Иако не се посочува конкретно на кои изјави се мисли, од текстот може да се заклучи дека се работи за оние на бугарскиот претседател Румен Радев вчера и денешната на Бојко Борисов, во врска со бугарското малцинство во земјава.

-Имаме разбирање за внатрешна политичка предизборна состојба во Бугарија и комплицираниот изборен тек, но сметаме дека тоа не е причина за политички пораки за кампањски потреби кои излегуваат од рамката на европските вредности и принципи за почитување на кој е изграден Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Таквите тонови не се доживуваат како пријателски од страна на македонските граѓани. Немешањето во внатрешните работи е принципиелен став, а таков став очекуваме и од соседите, се вели во соопштението.

Од Владата се повикуваат на Договорот од 1 август 2017 година, во кој како што велат двете земји потпишаа дека ќе обесхрабруваат провокации кои не се во интерес на ниту една страна, дека нема да влегуваат во круг на навреди, обвинувања и говор на омраза, кои не носат ништо добро за никого, а најмалку за македонскиот и за бугарскиот народ.

-Решенијата не се во минатото, тие се во иднината, а иднината бара дијалог, не монолог за внатрешна употреба. Кога станува збор за земја членка на ЕУ и за земја со потврдено признание дека ги исполнила сите услови за почеток на преговори за членство, дијалогот е единствено решение за билатералните прашања и за изнаоѓање меѓусебно разбирање, велат од Владата пти што истакнуваат дека Македонија е подготвена за тој дијалог, а време е Бугарија да ја покаже истата подготвеност.

Претходна вестСитниците кои Шилегов не стаса да ги направи за Скопје
Следна вестРасте бројот на заразени – 436 нови позитивни и 7 починати за 24 часа