Владиката Агатангел кани на „Семакедонски православен христијански собор“

Покана до целиот македонски православне народ да учествува на „Семакедонски православен христијански собор“ в недела во Гевгелија, упати денеска Повардарскиот митрополит на МПЦ-ОА Агатангел. Се работи за традиционален Собор којшто годинава ќе се одржи во црквата „Св. Кирил и Методиј“ во Гевгелија.

-Ве известуваме дека на 01. 10. 2023 година (недела), односно на денот кога црковно ќе им оддадеме почит на сите македонски светители, ќе се одржи традиционалниот „Семакедонски православен христијански собор“, настан кој во себе ја содржи силната и нераскинлива врска, која го поврзува македонското национално битие со православната вера, настан на кој упатуваме апели за уште посилно зацврстување на таа врска која го одржува македонското опстојување, настан на кој ќе имаме можност да го покажеме нашето македонско единство, љубовта кон својот православен македонски род, љубовта кон нашиот мајчин македонски јазик, како и љубовта кон нашата земја Македонија која почива во прегратките на целата небесна ерархија, се наведува во поканата.

Светата Божествена Литургија ќе започне во 08.45 часот, а на неа ќе чиноначалствува Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на надлежниот Митрополит Повардарски г. Агатангел, членови на Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, како и бројно македонско свештенство и монаштво.

Првиот „Семакедонски православен христијански собор“ се одржа во 2005 година во Архиерејскиот соборен храм „Св. Климент Охридски” во Скопје.

Претходна вестКрвава пресметка во скопско Семениште: Прво го пробол со нож, а потоа со пиштол пукал кон 23-годишно момче
Следна вестЗаконот за амнестија ќе биде доставен во Собранието, предвидува целосно ослободување за казна затвор до 6 месеци, a…