Преговори, договори и разговори не се прекратени со цариградскиот трон, со Вселенската патријаршија, но има некои прашања коишто ние во овој момент не можеме да ги прифатиме од каноски аспект гледано, а тие пак инсистираат на нешто што е според нас и според канони неприфатливо во овој момент и затоа се можеби во една стагнација тие преговори, вели владиката Тимотеј, портпарол на МПЦ-ОА за ТВ Телма.
Посети, посочува владиката Тимотеј, се одржуваат и најверојатно во непосредна близина сега ќе имаме пак гости од страна на Цариградската патријаршија и од грчката Црква.
Прашан што е тоа што е неприфатливо за МПЦ-ОА, владиката Тимотеј, рече дека тоа е Украинската православна црква, која што ја призна Вселенската и ја признаа уште три други грчки цркви. МПЦ-ОА не ја признава украинската црква.
-Украинската православна црква е неканонска црква. Хиротонисани се без благодатна, изјави г. Тимотеј.
Прашан дали постои разногласие и поделба во редовите на МПЦ-ОА, владиката Тимотеј вели дека Синодот го сочинуваат различни луѓе, со различни капацитети и со различни убедувања.
-Не би рекол дека постои разногласие, има разномислие, како и во секоја институција. Синодот го сочинуваат различни луѓе со различни капацитети со различни политички и културолошки убедувања. Така, природно дека постои. Затоа постои Синод, односно тело коешто ги сублимира сите мислења, па донесува она што е најполезно и корисно за Црквата, изјави владиката Тимотеј.